Цивилната заштита го активираше системот 112 и испрати СМС-предупредувања до граѓаните и туристите

Најкритичната ситуација се очекува од денеска попладне до сабота наутро, особено на популарните дестинации како што се Халкидики, Олимпискиот регион, Солун и островот Тасос

Во Грција е на сила предупредување за вонредна состојба поради опасни временски услови донесени од циклон со обилни врнежи од дожд, грмежи и силни бури. Грчката цивилна заштита го активираше информативниот систем за вонредни состојби 112, испраќајќи СМС-предупредувања до граѓаните и туристите низ целата земја. Главниот удар се очекува од денеска попладне до сабота наутро.

Како што може да се види на видеата во групи во Грција каде што туристите разменуваат информации за нивниот летен одмор, небото е потемнето во голем дел од земјата, врне дожд во Неос Мармарас, се подготвува бура на Халкидики, а на хоризонтот може да се види пијавица.

Со оглед на тоа што летната сезона е во полн ек, грчките летувалишта се преполни со туристи.

Халкидики, Олимписки регион (Пиерија) и Солун моментално се во портокаловата зона на тревога.

Регион Халкидики (Касандра, Ситонија, Атос): Од петок наутро до доцна во ноќта се предвидуваат интензивни врнежи од дожд, придружени со силни грмотевици и можност за локален град. Ветровите во Солунскиот Залив ќе достигнат сила до 5 бофорти.

Олимписки регион / Пиерија (Паралија, Лептокарија, Неи Пори, Катерини): Крајбрежните делови на Пиерија се под влијание на бури од петок попладне. Се очекуваат обилни врнежи од дожд, кои можат да предизвикаат краткотрајни сообраќајни застои и задржување на водата на патиштата.

Солун и околината: Нестабилно време со обилни врнежи од дожд се очекува во текот на петок попладне и навечер, со температури што ќе паднат до 23°C. Невремето во ова подрачје ќе почне да слабее во доцните вечерни часови.

Остров Тасос и Североисточен Егеј

Тасос, Самотраки и Лимнос: Тие се под портокалова тревога, но циклонот ќе ги достигне подоцна. Главниот бран врнежи и силни бури се прогнозираат за доцна во петокот навечер и ќе траат до раните утрински часови во саботата. На туристите на Тасос им се препорачува да возат внимателно поради намалената видливост и силните ветрови.

Споради (Скијатос, Скопелос) и брегот на Магнезија (Пелион, Волос)

Овој регион е во зоната на црвена тревога (највисоко ниво на опасност) и ќе биде меѓу најтешко погодените области.

(Скијатос, Скопелос, Алонисос): Невремето ќе биде многу „“упорно“ на овие острови – бурен дожд и ветер ќе траат континуирано од петок попладне до сабота наутро.

Магнезија и брегот на Пелион: Крајбрежните области се под голема закана од ненадејни поплави поради обилни дождови и чести грмотевици.

Евија и Атина

Евија (северни и централни делови): Под црвена тревога. Обилни врнежи од дожд и силен ветер се очекуваат од петок попладне до сабота наутро.

Атина и регионот Атика: Од петок попладне се очекува краткорочно влошување со врнежи од дожд и грмотевици, со пад на температурите до 20–29°C.

ИЗДВОЕНИ