Царинската управа спречи обид за шверцување 2.000 ампули од медицинскиот раствор „гадонанс“, кои косовски државјанин се обидел нелегално да ги внесе во земјава, криејќи ги во кабината на товарно возило.
Според Царинската управа, акцијата ја реализирал мобилен тим од Одделението за оперативни работи на граничниот премин Деве Баир. Возачот, косовски државјанин вработен во косовска транспортна компанија, превезувал алуминиумски профили на релација Турција – Косово.
При контролата, тој изјавил дека, освен декларираната стока, нема ништо друго за пријавување. Сепак, поради сомневање била извршена детална проверка на возилото.
Царинските службеници откриле 2.000 ампули со медицинскиот раствор „гадонанс“ од 7,5 милилитри, кои биле спакувани во папки и кеси, без оригинално пакување. Тие биле скриени на повеќе места во кабината – во горниот кревет, во фабричка шуплина, во просторот над возачкото седиште и во личниот багаж сместен во долниот кревет.
Од Царинската управа информираат дека вијалите се запленети, а Одделението за истраги против возачот поднело кривична пријава за кривично дело шверцување.
Станува збор за медицински раствор што се користи како контрастно средство при снимање со магнетна резонанца и за кој се потребни соодветни дозволи за увоз, како и строго пропишани услови за чување и транспорт.
Од Царинската управа посочуваат дека годинава се спречени 13 обиди за шверц, при што се запленети вкупно 29.000 парчиња лекови и медицински препарати.












