Осмиот ден од протестите во Тирана беше одбележан со нови судири меѓу демонстрантите и полицијата, при што беа фрлани молотови коктели и камења, а безбедносните сили употребија солзавец, водени топови и бибер-спреј. По неколкучасовни мирни собири, ситуацијата ескалираше пред зградата на албанската Влада и на плоштадот „Скендербег“.
За време на синоќешните судири, полицијата приведе две лица, додека судот во Тирана вчера донесе одлука да ослободи 13 лица кои беа уапсени за време на претходните протести, пренесува „Еуроњуз Албанија“.
Протестите на студентите, средношколци и граѓани – кои уште од 13 октомври бараат оставка од премиерот Еди Рама и неговата влада – продолжија и вчера во албанската престолнина.
Претходно во текот на денот, на демонстрантите им се придружија и универзитетски професори, а собирот пред седиштето на Владата остана мирен.
Plaza Skanderbeg, Tirana, Albania.
Protestas contra el gobierno de Edi Rama, la exigencia de los manifestantes va más allá de su renuncia: están pidiendo un cambio radical en la política albanesa y no reconocen una alternativa creíble ni siquiera en la oposición pic.twitter.com/aU2bdXYVbW— Noticias del otro lado2 (@LadoNoticias2) October 20, 2026
Некои од демонстрантите поставија фотографии од судирите со полицијата од претходните денови на ѕидовите од владината зграда, придружени со прашањето: „Дијалог?“
Претходно, тие ја одбија поканата на премиерот Рама за разговори, отстранувајќи ги црвените столици со натпис „Дијалог“, кои беа поставени пред зградата на Владата.
Напнатост беше забележана и пред Министерството за образование, каде што полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите. Според информациите од теренот, интервенцијата следела по напад од страна на дел од демонстрантите, кои повторно ја гаѓале и оштетиле зградата на Министерството.
Од мирен собир до нови судири
Околу 16:00 часот, ситуацијата пред зградата на Владата беше мирна. Некои од младите демонстранти играа оро, додека други правеа склекови пред полициското возило со воден топ. Сепак, ова затишје траеше само два часа. Според извештајот на „Еуроњуз Албанија“, ситуацијата повторно ескалирала кога едно лице фрлило молотов коктел кон зградата на Владата. Потоа, демонстрантите почнаа да фрлаат камења кон полицијата, а тие одговорија со солзавец и водени топови.
Според првичните информации, полициските службеници кон демонстрантите испукале и гумени куршуми. Судирите набрзо се проширија на плоштадот „Скендербег“, каде што демонстрантите фрлаа пиротехнички средства и огномет, а полицијата повторно употреби солзавец. Некои од демонстрантите ги оштетија плочите на плоштадот, што ги натера безбедносните сили да интервенираат и да ја растераат толпата. Во текот на вечерта, на булеварот пред зградата на Владата се случија и други инциденти.
По протестот одржан во понеделникот во Тирана, уапсени се 33 лица, а против 41 поединец е покрената кривична постапка. Според Локалната полициска управа во Тирана, за време на собирот биле повредени седум полициски службеници.
Полицијата соопшти дека за време на седумдневните протести во Тирана биле уапсени вкупно 271 лице, 51 од нив имаат криминално досие за разни дела, вклучувајќи убиство, нанесување телесни повреди, незаконско поседување оружје, производство и продажба на наркотици, проституција, кражба, измама и фалсификување документи.












