Оштетен заштитниот лим на една од цевките на топловодот под мостот „Беласица“

138

Една од цевките на топловодот под мостот „Беласица“ е надворешно оштетена, по неполна година откако беше поставен тој. За оштетувањето се запознаени и од АД ЕСМ, од каде што велат дека тоа настанало поради влијание на надворешен фактор.

– Евидентирано е површинско оштетување на еден профил од заштитниот лим на термоизолацијата на топловодот под мостот „Беласица“. Најважно е да се нагласи дека не се оштетени цевките и дека не е нарушена функционалноста на топловодот. Ова надворешно оштетување нема никакво влијание врз испораката на топлинска енергија – тврдат од АД ЕСМ.

Во овој период, екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ работат на рамнење на земјиштето и на отстранување на плевелот на зелениот појас до патеката за рекреација покрај Вардар, на потегот од ТЦ „Три бисери“ кон Центар. За таа намена се ангажирани градежни машини и камиони, кои се движат по бетонската патека и оставаат траги земја по неа.

– Оперативните екипи од секторот Подигање зеленило на ЈП „Паркови и зеленило“ со сите расположливи ресурси се максимално ангажирани на терен и вршат хортикултурно уредување на кејот на реката Вардар, на потегот од мостот „Генерал Михаило Апостолски“ до мостот „Беласица“ во Општина Аеродром – потврдија од претпријатието.

Оттаму додаваат дека етапно се одвива реализацијата.

– Започнавме со прекопување на старата почва, отстранување на шутот, нанесување плодна почва, рамнење на површината, спроведување систем за полевање и формирање тревник. Со овој проект, ќе добиеме убаво уреден мултифункционален простор покрај реката Вардар, кој ги нуди сите можности за спорт, рекреација, одмор и за релаксација – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.

Топловодот под мостот „Беласица“ беше ставен во функција на 14.11.2024 година, додека монтирањето на цевките започна на 30.9.2024 година. Тој беше оштетен по пожарот што избувна на 12 мај 2023 година, по што беше прекинат и сообраќајот на мостот, а надвор од функција беше и тој крак од топловодот.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ