Општина Карпош објави јавен оглас за доделување стипендии за талентирани спортисти, жители на Општината, кои во учебната 2026/2027 година ќе бидат ученици во осмо или во деветто одделение. Со оваа мерка, Општина Карпош продолжува со поддршката на младите спортски таленти и нивниот развој, особено на учениците што се издвојуваат со своите индивидуални резултати на национално и на репрезентативно ниво.
Право на стипендија имаат учениците што се жители на Општина Карпош и ќе можат да достават потврда од училиштето дека во учебната 2026/2027 година ќе бидат запишани во осмо или во деветто одделение.
Притоа, од Општината соопштија дека кандидатите треба да имаат остварено индивидуални спортски резултати во периодот од 1 септември 2025 до 31 август 2026 година, потврдени од матичната национална спортска федерација и усогласени со нејзиниот календар на натпревари.
Според огласот, предвидени се две категории: прва категорија, за која стипендијата изнесува 3.500 денари месечно, а ги опфаќа спортистите што освоиле прво место на официјално национално првенство, односно се национални прваци во индивидуална конкуренција; добиле награда за индивидуално постигнување, како што се национален рекорд, најдобар играч, најдобар поентер, голгетер, талент и слично; се репрезентативци на Македонија и имаат учествувано најмалку на еден репрезентативен натпревар, при што потребно е да се наведе кога, каде и против кој противник се одиграл натпреварот и да се достави соодветен доказ: записник, билтен или друг документ. Потоа, втора категорија, со стипендија од 3.000 денари месечно, која ги опфаќа спортистите што освоиле индивидуално второ место на официјално национално првенство.
Другите спортски успеси и резултати што не се опфатени со наведените критериуми, нема да бидат земени предвид при рангирањето. Стипендиите ќе се исплаќаат во период од осум месеци, во текот на учебната година.
За учество на огласот, потребно е да се достават: биографија на спортистот, потврда од клубот дека спортистот е негов член, фотокопија од спортска легитимација, важечки документ од матичната национална федерација, со потврда за остварените спортски успеси и резултати, контакт-телефон и имејл-адреса, како и трансакциска сметка.
Документите се доставуваат во затворен плик во архивата на Општина Карпош, на улицата „Никола Русински“, број 11 – Скопје, со назнака: „За доделување на стипендии за талентирани спортисти жители на Општина Карпош кои учат во VIII и IX одделение“.
Крајниот рок за доставување на документите е 21 септември 2026 година.
Доколку спортистот веќе добил еднократна парична помош од областа на спортот и спортската рекреација од Општина Карпош, неговото барање за стипендија за талентирани спортисти за учебната 2026/2027 година нема да биде разгледувано и одобрено. Барањето, односно предметот, треба да го поднесе родител или законски старател.
– Со оваа стипендиска програма, младите спортисти од Карпош добиваат дополнителна можност за финансиска поддршка и поттик за продолжување на спортскиот развој и постигнување уште подобри резултати – потенцираат од локалната самоуправа.












