Државата продолжува со задолжување на домашниот пазар, и тоа во момент кога денеска исплати околу 41,5 милиони евра по основ на достасана државна обврска. На последната аукција на државни записи, одржана во вторникот, Министерството за финансии понудило хартии од вредност во вкупна вредност од 3,12 милијарди денари. Побарувачката била целосно реализирана, со што државата обезбедила нови средства во висина од приближно 50,7 милиони евра.
За новото задолжување е утврдена каматна стапка од 4,1 отсто, додека рокот за враќање е до 1 септември 2027 година.
Практиката со домашното задолжување покажува дека средствата што се прибираат преку државните хартии од вредност не се користат само за создавање нов долг. Значаен дел од новото задолжување служи и за покривање на обврските што пристигнуваат за наплата, односно старите долгови се рефинансираат со нови позајмувања.
Токму денеска за наплата пристигна државен запис во вредност од 2,27 милијарди денари, што одговара на околу 41,5 милиони евра. Според податоците објавени по вторничката аукција, финансиските обврски на државата продолжуваат и во текот на овој месец. Во септември треба да се исплатат вкупно 3,61 милијарда денари или приближно 58,7 милиони евра.
Ова значи дека задолжувањето вчера е само дел од планираното финансирање на државата. До крајот на годината се предвидени уште девет аукции на државни хартии од вредност, преку кои ќе се обезбедуваат средства за сервисирање на достасаните обврски и за тековните финансиски потреби.












