Поскапи автобускиот превоз за тетовци и за кумановци. За оние граѓани од Тетово и Куманово кои секој ден патуваат до Скопје на работа или на факултет, ова не е само уште едно покачување на цените. Ова е нов удар по домашниот буџет. Од вчера, билетот на релацијата Тетово – Скопје е поскап за 50 денари. Наместо досегашните 200, во еден правец сега се плаќаат 250 денари, а повратниот билет чини 500 денари. Кај Куманово – Скопје, поскапувањето е 30 денари во еден правец. Билетот од 170 денари сега чини 200 денари, додека повратниот билет е 400 денари.

На прв поглед, 30 или 50 денари можеби не звучат како некоја голема работа. Ама кога тие пари ќе ги помножите со два пати дневно, па со 22 работни дена, сметката веќе не е за потценување. Така, патник од Тетово кој секој ден оди на работа во Скопје, само за автобус ќе му требаат околу 11.000 денари месечно. Тоа значи дека речиси 42 отсто од платата ќе му оди само за превоз. Кај патниците од Куманово ситуацијата е нешто подобра, но далеку од добра. Месечниот трошок за секојдневен превоз до Скопје би бил околу 8.800 денари, што е приближно една третина од минималната плата.

Поскапувањето на билетите доаѓа по зголемувањето на цените на горивата. Превозниците имаат свои трошоци, тоа е јасно. Горивото чини повеќе, одржувањето на автобусите чини повеќе, платите и другите трошоци растат.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ