Добра вест за младите жители на Општина Центар. Општината распиша јавен повик со кој ќе им помогне на младите полесно да стигнат до возачката дозвола, покривајќи дел од трошоците за полагање возачки испит Б-категорија.
Кој планира да седне зад волан, сега има шанса малку да си го олесни товарот за плаќање. За оваа намена, Општина Центар обезбедува субвенција од 10.000 денари, а парите ќе се користат исклучиво за полагање возачки испит во автошколите што работат на територијата на Општината.
Право на оваа поддршка имаат младите центарци што во текот на 2026 година полнат 18 и 19 години, односно се родени во 2007 и 2008 година. Со мерката се опфатени и оние што наполниле 19 години во 2025 година (родени во 2006 година), доколку ја извршиле уплатата за возачки испит во текот на 2025 година.
Од Општина Центар велат дека субвенцијата е наменета за сите млади жители, вклучително и за лицата со попреченост, а правото на средствата може да се искористи еднаш. За да ја добијат помошта, заинтересираните треба да достават барање за субвенција за полагање возачки испит Б-категорија; копија од лична карта; копија од трансакциска сметка; доказ за уплатено полагање во автошкола; доказ дека е регистрирана автошколата на подрачјето на Општина Центар.
Јавниот повик е отворен од 1 јануари 2026 година и ќе трае до исцрпување на предвидените средства, односно до 31 декември 2026 година. За дополнителни информации, младите може да се обратат во Општина Центар, на телефонскиот број 02/3203-600 или преку е-пошта на адресите наведени во јавниот повик.
Со оваа мерка, Општината им подава рака на младите возачи почетници и им помага полесно да го направат првиот чекор кон самостојно возење.












