Пченицата и јачменот што деновиве интензивно се жнеат во битолскиот дел на Пелагонија се со подобар квалитет и повисоки приноси во споредба со минатата година, информираат од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ).
Од подрачната единица на АПРЗ во Битола посочуваат дека жетвата се одвива непречено и дека досегашните резултати ветуваат успешна сезона за производителите на житни култури.
– Жетвата во Пелагонија е во полн ек. Јачменот е ожнеан на повеќе од 90 проценти од вкупните површини, при што приносите надминуваат пет тони од хектар. Кај пченицата, досега се ожнеани околу 50 проценти од површините, а приносите се движат од 4,5 до 5 тони од хектар. Сакам да истакнам дека е подобар квалитетот и на пченичното зрно и на јачменот во споредба со лани – изјави Пеце Стојковски, директор на АПРЗ – Битола.
Според стручните лица од Агенцијата, добрите резултати се должат на навремената подготовка на земјоделските површини, примената на современи агротехнички мерки и на почитувањето на препораките што им биле дадени на земјоделците. Дополнително, и временските услови во клучните фази од развојот на посевите придонеле за формирање поквалитетно зрно и повисоки приноси.
Од АПРЗ оценуваат дека и покрај предизвиците што ги носат климатските промени, со правилно планирање и примена на стручните совети, може да се постигнат добри производствени резултати, што годинава го потврдува и реколтата во најголемата житница во државата – Пелагонија.












