Ребалансот на бџетот за 2026 година обезбедува стабилност на јавните финансии, редовна исплата на сите законски обврски на државата и дополнителни средства за капитални инвестиции, земјоделство, социјална заштита, образование, спорт и локален развој, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека преку ребалансот ќе се обезбеди редовна исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци и на другите обврски кон граѓаните, но и дополнително вложување во инфраструктурни проекти.
– Акцентот сега го ставаме на капиталните инвестиции. Инвестициите во патишта, железници, енергетика, образование, здравство и комунална инфраструктура ќе создадат повисока економска активност, нови работни места и подобар животен стандард – истакна Димитриеска-Кочоска.
Според неа, потребата од ребаланс произлегла од променетите економски околности, геополитичките случувања, растот на цените на енергенсите и од новите законски обврски, а не од недостиг на буџетски приходи или нарушена ликвидност.
– Ова не е кризен, туку развоен ребаланс. Средствата ги насочуваме таму каде што ќе создадат најголема додадена вредност за економијата – нагласи министерката.
Таа додаде дека позитивните економски показатели, меѓу кои растот на БДП од 3,1 процент во првиот квартал, зголемените странски директни инвестиции, растот на градежништвото, услугите и извозот, се потврда дека македонската економија останува стабилна, а ребалансот ќе овозможи продолжување на инвестицискиот циклус и подобрување на животниот стандард на граѓаните.












