недела, јули 12, 2026
Дома КУЛТУРА Оперската ѕвезда Хозе Карерас ќе пее во Скопје за 35 години независност...

Оперската ѕвезда Хозе Карерас ќе пее во Скопје за 35 години независност на Македонија

120
Фото: ВЕЧЕР.ПРЕСС
На 1 септември, на Градскиот плоштад

Еден од најголемите оперски пејачи на сите времиња, шпанскиот тенор Хозе Карерас, на 1 септември ќе пее на Градскиот плоштад во Скопје, по повод 35 години независност на Македонија. На концертот ќе настапи и Македонија „ол стар“: Каролина Гочева, Влатко Стефановски, Калиопи, Наум Петрески, Сузана Спасовска и Игор и Ана Дурловски.

Владината портпаролка, Марија Митева, денеска, на прес-конференција, посочи дека, како Влада, се подготвуваат за достојно одбележување на 35 години независност.

– Навистина ни е важно, сакаме граѓаните да уживаат и да покажеме дека имаме капацитет да организираме настан со македонски и со светски ѕвезди – изјави Митева.

Таа додаде дека ќе следуваат уште настани, кои ќе бидат дополнително откриени.

Бобан Милошески од „Авалон продукција“, пак, рече дека тоа е вечер на спој на македонската музика со светската класика.

– Сакавме да споиме нешто што е светско заедно со нашето македонско. Ќе има многу изненадувања таа вечер, кои нема да бидат соопштени. Оваа екипа на Македонија „ол стар“ е мој личен избор и јас носам одговорност дали требало да има уште некој друг – изјави Милошески.

Тој посочи дека биле повикани и Владо Јаневски и Симон Трпчески, кои, за жал, нема да бидат во Македонија во тој период и нема да може да настапат.

Настанот е поддржан од Македонската филхармонија, а аранжманот на песните ќе го прави Николче Мицевски.

Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, кажа дека му е чест што токму оркестарот на Филхармонијата ќе ја отвори прославата по повод 35 години независност.

Инаку, ова е втор настан за одбележување на независноста на државата, по настапот на Давид Гета и „Монолит шоу“ на 8 Септември, на Градскиот стадион.

ИЗДВОЕНИ