Обединетите нации ќе ги додадат израелските власти на овогодинешниот список на земји осомничени или одговорни за сексуално насилство во вооружени конфликтни зони, објави денес израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон.
Данон рече дека Израел ги прекинува сите контакти со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, додавајќи дека е „скандалозно“ што неговата земја е ставена на црната листа поради наводно сексуално насилство.
„Завршивме со овој генерален секретар. Одлуката да се стави Израел на црната листа и да не обвинат дека користиме сексуално насилство како оружје во војната е скандалозна“, рече Данон, објави „Франс 24“.
Годишниот извештај на генералниот секретар на ОН за сексуалното насилство поврзано со конфликти обично се презентира на релевантните држави пред објавувањето.
Минатата година, во извештајот се сугерираше дека Израел може да биде додаден на листата, која веќе ја вклучува палестинската милитантна група „Хамас“.
Во него се вели дека има „веродостојни информации“ за сексуално насилство извршено од израелските безбедносни сили врз палестинските притвореници во затворите и другите центри за притвор, и дека на инспекторите на ОН им е одбиен пристап до овие објекти.
Палестинците со години пријавуваат за широко распространето физичко и сексуално насилство врз мажи и жени во израелските притворни центри.
„Њујорк тајмс“ објави на почетокот на мај дека разговарале со 14 палестински мажи и жени кои тврделе дека биле сексуално злоупотребени од израелски доселеници или безбедносни сили.
Израелската мисија во ОН денес соопшти дека нема да има никаков контакт со канцеларијата на генералниот секретар сè додека Гутереш е таму.
„Генералниот секретар и неговиот тим продолжуваат да шират лаги против Израел. Ставајќи не нас и терористите од „Хамас“ на иста листа е неприфатливо“, рече Данон.
Портпаролот на Гутереш, Стефан Дужарик, рече дека се свесни за коментарите на Данон.
„Што се однесува до нас, вратата на генералниот секретар останува отворена“, рече Дужарик.
Гутереш постојано го критикуваше Израел за уништувањето на Газа, масовните убиства на Палестинци и блокирањето на хуманитарната помош да стигне до енклавата. Израел го прогласи за „персона нон грата“ во 2024 година поради ова.












