Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека постапката за 100 автобуси е повторно распишана и се очекува да биде успешно завршена, паралелно со плановите за воведување на брз автобуски систем (БРТ).
– Денеска е реобјавена постапката за 100 автобуси, искрено се надевам дека овој пат ќе биде успешна. За да не биде градот зависен само од централна власт, владата ќе обезбеди 100 автобуси, но, јас го започнувам за многу скоро проектот БРТ за кој градот ќе обезбеди 40 автобуси – рече Ѓорѓиевски.
За реализацијата на БРТ системот, тој појасни дека се очекува административните постапки да завршат до крајот на годината.
– Постапките треба да ги завршиме до крајот на оваа година, здравје од наредната да ставиме темели – рече градоначалникот на гостувањето на Канал 5 Телевизија.
Во однос на состојбата во градот што ја затекнал, Ѓорѓиевски наведе дека веќе се спроведуваат контроли од надлежните институции и дека ќе има одговорност.
– Во моментов има ревизија и финансиската полиција и останатите институции се занимаваат со одредени предмети во град Скопје, мислам дека одговорност ќе има – изјави тој, додавајќи дека соработката со централната власт е координирана.
Говорејќи за комуналната хигиена, градоначалникот истакна дека е завршена тендерската постапка за набавка на 40 камиони, од кои дел се цистерни за миење на улиците и додаде дека се воведува нов систем за транспорт на отпад со претоварни станици.
– Имаме две претоварни станици, наместо камионите да одат од Ѓорче до Дрисла, ѓубрето ќе се одлага од обичните камиони во претоварните камиони кои потоа ќе одат до Дрисла – рече тој.
Според него, резултатите треба да се почувствуваат во наредниот период, а во фаза на евалуација, како што рече, е и обезбедување 2 600 контејнери.
За дивата депонија Вардариште, Ѓорѓиевски повтори дека просторот ќе се трансформира во парк и дека веќе е почнато чистење.
– Стојам зад тоа што реков дека тоа ќе биде парк, започнавме со чистење на површинскиот отпад, рече тој, додавајќи дека индустриските загадувачи треба да се дислоцираат надвор од населени места.
Ѓорѓиевски се осврна и на состојбата со жичарата на Водно, која моментално не работи, објаснувајќи дека е направена детална проверка од превентивни безбедносни причини.
Тој информираше дека биле утврдени технички проблеми.
– Побаравме од изведувачите писмено да дојдат и да извршат проверки. Требаше неколку месеци да пристигнат, а откако дојдоа направија проверка и дефектажа на жичарата и изнесоа информации дека од четири, три сензори не работеле, како и дека имало процеси кои можеле тековно да се одржуваат. Жичарата е доведена до состојба на ремонт. Не е направен некаков голем сервис, туку еден сериозен дел не е променет таму – рече градоначалникот.
Во однос на луна паркот, посочи дека е избран изведувач и дека проектот треба да заврши до следната година.
ИЗДВОЕНИ

Живописноста на Матка – неисцрпен туристички потенцијал

ЧУДОТО ОД ЦРНИЧЕ – ОД ЗАБОРАВЕН ПОДРУМ ДО СВЕТА РЕЛИКВИЈА: Пред иконата на Пресвета Богородица што плаче, молитви стигнуваат од целиот свет

Предание за чудесната икона што излегла од пламенот и го спасила селото од чума: Богородица – едно село, една богомајка, вековна легенда

АХВ ги засилува теренските активности: Вонреден надзор и тестирања за детекција на вирусот на Западнонилска треска кај птиците








