И овој продолжен викенд се очекува зголемена фреквенцијата на ГП Богородица, за излез од Македонија. Како што е познато, воведувањето на EEС-системот за електронска регистрација за патниците што не се државјани на ЕУ во повеќе наврати предизвика забавување на протокот на граничните премини кон Грција и долго чекање за влез и излез.
За тоа како ќе се справат пограничните служби со зголемениот број патници, овој викенд разговаравме за ВЕЧЕР со командирот на ГП Богородица, Александар Димовски. Тој нè информираше дека грчките погранични служби имаат насоки за релаксација на времето на чекање за влез и излез кај јужниот сосед. Тоа во практика, вели Димовски, значи дека патниците од земјите што не се членки на Европската Унија се регистрираат со новиот ЕЕС-систем, сè до моментот додека не се зголеми времето на чекање за влез и не се создадат големи колони возила. Тогаш пограничните служби од грчка страна можат да се повикаат, според нивниот договор, на примена на релаксација на времето на чекање и да поминат на стариот систем на евиденција. Тоа подразбира дека нема земање биометриски податоци на патниците, туку внесување само на податоците од пасошите во ЕЕС-системот, со напомена дека се прави тоа поради релаксација и ублажување на мерките.
Ова се случуваше и изминатиот викенд, па затоа времето на чекање за влез и излез, вели Димовски, не беше повеќе од 30 до 45 минути. Верувам дека и овој викенд нашите и грчките погранични служби добро ќе се справат со ситуацијата.
Тој, исто така, најави дека очекува на почетокот од јуни да се случи средба со раководните лица на граничниот премин Евзони, а сè со цел усогласување и договарање на начинот и на мерките за преминување на границата во пресрет на туристичката сезона. (Љ.А.)












