Во исклучително емотивна и свечена атмосфера, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, градоначалникот на Град Скопје,Орце Ѓорѓиевски и градоначалникот на Општина Центар,Горан Герасимовски, присуствуваa на одбележувањето на матурската и полуматурската прослава на штитениците од Детски дом за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“.
Од Град Скопје информираа дека по тој повод, биле испратени честитки и пораки за поддршка до четворицата матуранти и една полуматурантка, кои денес затвораат едно важно животно поглавје и започнуваат ново.
-Матурата претставува симбол на растење, вложен труд, надеж и нови почетоци. Денешниот ден е доказ дека со љубов, грижа и вистинска поддршка, секое дете може да ја изгради својата иднина, да сонува големо и да верува во себе, било истакнато на настанот – соопштија од Град Скопје.
Во обраќањето било нагласено дека секое дете заслужува да расте во средина исполнета со љубов, сигурност и поддршка, а посебна благодарност и почит им беше изразена на воспитувачите, негувателите и сите вработени кои низ годините биле потпора и второ семејство на децата.
На матурантите и полуматурантката им било порачано да бидат горди на својот пат, на сите предизвици што ги надминале и на успесите што ги очекуваат во иднина.
-Воедно, беше потенцирано дека грижата за децата не завршува со еден настан или честитка, туку продолжува преку конкретна поддршка, посветеност и заедничка заложба за подобра иднина за секое дете.На крајот од настанот, беа упатени искрени честитки по повод матурирањето и полуматурирањето, со желби за многу успех, среќа и исполнети соништа во животот – наведуваат градските власти.












