Лежалките и чадорите за сонце на црногорските плажи по 17 часот оваа година се бесплатни само за државјаните на Црна Гора, додека оваа поволност повеќе не важи за странските туристи, пренесува РТЦГ.
Според Договорот за користење на морското добро за сезоната 2026, закупците се должни по 17 часот бесплатно да им овозможат користење на лежалките и чадорите на граѓаните на Црна Гора, по приложување документ за идентификација. Претходните години оваа поволност ја користеа сите посетители на плажите, без разлика дали се домашни или странски туристи, а закупците имаа обврска јасно да го истакнат тоа на информативните табли, иако на прсти се бројат плажите на кои има такво известување.
Исто така, на некои плажи лежалките се наплаќаат по 17 часот, а директорот на ЈП „Морско добро“, Младен Микијељ, претходно изјави дека секој закупец што ќе наплаќа „плажен“ мобилијар по 17 часот ќе сноси последици.












