четврток, август 20, 2026
Дома МАГАЗИН Океаните „вријат: Морските топлотни бранови влијаат на копното и им даваат енергија...

Океаните „вријат: Морските топлотни бранови влијаат на копното и им даваат енергија на бурите

16

Европските мориња се прегреваат, а виновни се климатските промени, предупредуваат истражувачите, додавајќи дека морските топлотни бранови им се закануваат на екосистемите и крајбрежните заедници.

Атлантското и Средоземното Море се значително потопли од вообичаеното, при што некои делови од морето околу Европа оваа недела достигнуваат температури до шест степени Целзиусови над просекот.

Зад се стои климата која забрзано се менува, велат научниците од конзорциумот „World Weather Attribution“ во студија објавена во средата. Тие откриле дека глобалното затоплување е причина за рекордните температури на морето оваа година.

Извештајот доаѓа за време на лето обележано со рекордни топлотни бранови, суши и пожари, кои се влошуваат од климатските промени.

Слично на тоа, во морето, зголемените температури им штетат на морските видови, ги поттикнуваат популациите на медузи и го зголемуваат ризикот од разорни бури подоцна во годината.

„Ова лето видовме навистина екстремни морски температури низ Европа“, рече Кетрин Грегори, климатолог на Универзитетот во Берн и една од авторките на студијата.

„До јули, просечната температура низ Средоземното Море беше нешто над 27 степени Целзиусови, највисоката јулска температура некогаш забележана. Морето западно од Мајорка покажа температури над 33 степени Целзиусови на отворено море… и видовме слични екстремни услови во Северниот Атлантик“, рече таа.

Научниците користеа рецензирани методи за анализа на четири региони: источниот и западниот Медитеран, Атлантикот во Бискајскиот Залив и Иберискиот Полуостров и морињата околу Ирска и западна Британија.

„Откривме дека условите за време на јулскиот морски топлотен бран беа најекстремни откако почнаа да се водат евиденции во западниот Медитеран, келтскиот регион и Бискајскиот Залив и Иберискиот Полуостров“, рече Грегори.

Научниците заклучија дека климатските промени ги затоплија двата медитерански региони за два степени, додека температурата на водите околу Иберискиот Полуостров се зголеми за 1,4 степени, а морињата околу Ирска за 1,3 степени.

Глобалното затоплување, исто така, го зголеми обемот на морските топлотни бранови многу пати. Истражувачите ги споредија условите од оваа година со оние што би преовладувале во свет без климатски промени. Оваа година, дури 90 проценти од Бискајскиот Залив беа погодени од високи температури, како и 80 проценти од западниот Медитеран. Симулацијата покажа дека без глобалното затоплување, само 40 проценти од секој погоден регион би бил зафатен.

Разликата е уште поизразена во источниот Медитеран, каде што 70 проценти од морето беше погодено од морските топлотни бранови оваа година, додека во свет без климатски промени, тој процент би бил само девет проценти. Околу Ирска, погодената област е намалена од 80 на 30 проценти.

Океаните апсорбираат огромно мнозинство од вишокот топлина генерирана од согорувањето на фосилни горива. Потоплите води ги принудуваат некои видови да мигрираат кон постудени мориња, додека оние што не можат да мигрираат, како што се коралите и алгите, се изложени на ризик од масовни истребувања.

ИЗДВОЕНИ