– Во првичниот предлог на одлуката беше предвидено регионот веднаш да биде впишан на листата на светско наследство во опасност. Со усвојувањето на амандманот, оваа формулација е отстранета. Охридскиот Регион во оваа фаза нема да биде ставен на листата на светско наследство во опасност и ќе го задржи статусот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО – рече Муцунски во своето обраќање во Владата. Тој додаде дека јасно биле претставени нашите позиции и биле презентирани преземените обврски и политичката волја за заштита на Охридскиот Регион
Охридскиот Регион доби уште една шанса да се спаси од црната листа, поточно да не биде прогласен за културно наследство во опасност, но и доби рок од пет години да го среди хаосот. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ја донесе одлуката на 48. Седница, која се одржува од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја.
Според министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ова е значаен дипломатски успех на нашата земја.
– Во првичниот предлог на одлуката беше предвидено регионот веднаш да биде впишан на листата на светско наследство во опасност. Со усвојувањето на амандманот, оваа формулација е отстранета. Охридскиот Регион во оваа фаза нема да биде ставен на листата на светско наследство во опасност и ќе го задржи статусот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО – рече Муцунски во своето обраќање во Владата.
Тој додаде дека во целиот процес било работено во тесна координација со Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, општините Охрид и Струга, како и нашата амбасада во Париз, која имаше важна улога во комуникација со УНЕСКО и со државите членки на Комитетот за светско наследство.
– Во изминатиот период водевме интензивни разговори, спроведовме дипломатски консултации и градевме поддршка меѓу државите членки на Комитетот. Јасно ги претставивме нашите позиции, ги презентиравме преземените обврски и политичката волја за заштита на Охридскиот Регион – рече Муцунски.
Со дипломатскиот ангажман, посочи, е обезбеден дополнителен простор за исполнување на преземените обврски и за спроведување на Стратегискиот план за рехабилитација до 2030 година. Во следниот период, заедно со Албанија, треба да биде подготвена временски ограничена рамка за спроведување на Планот, а до 1 февруари 2027 година да биде доставен нов извештај за постигнатиот напредок.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се рушат дивоградбите во Охрид, тој вчера посочи дека и тука има конкретни предмети кои што треба еден по еден да се решаваат и дека тоа се прашања каде надлежноста е поделена помеѓу централната власт и локалната власт.
„Како министер и како член на Владата, кога е во прашање дивоградба било каде, не само во Охрид, таа треба да биде отстранета. И тоа треба да биде направен на соодветен и на законски начин“, рече Муцунски.
Инаку, Владата претходно побара од УНЕСКО да ѝ даде рок од шест години за да постапи во однос на забелешките за заштита на Охридскиот Регион.
При посетата на Општина Дебарца пред една недела, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека Владата не може за две години да поправи нешто што е уништувано со децении.
– Тоа е проблем наследен отпорано. Презедовме активности како ниту една влада претходно. Луѓето од УНЕСКО пред некоја недела ги посетија сите општини, разговараа со сите релевантни чинители, вклучително и со мене во Владата. Бараме да ни дадат период од шест години за да го исправиме тоа што било констатирано во минатото. За две години не можеме да исправиме нешто што било расипувано три и пол децении, кажа тогаш Мицкоски, посочувајќи дека ги аргументирале позициите на државата за ова прашање, но додаде и дека процесот не зависи само од Македонија туку и од Албанија, бидејќи Охридското Езеро е заедничко природно наследство.
Македонската делегација во Бусан беше предводена од вонредниот и ополномоштен амбасадор при УНЕСКО, проф. д-р Игор Николов, кој во своите обраќања ја реафирмираше цврстата посветеност на државата за спроведување на препораките на Комитетот во насока на долгорочна заштита на Охридскиот Регион. Според амбасадорот Николов, се работи за непроценливо природно и културно богатство со исклучителна универзална вредност.
Инаку, главните забелешки од страна на УНЕСКО се однесуваа на неконтролираната урбанизација, поточно на големиот број дивоградби долж охридскиот брег, со што се менува автентичноста на регионот. Имаше реакции и во однос на еколошките проблеми, односно загадувањето на Охридското Езеро. Тука забелешките беа за доцнењето на инфраструктурните проекти, неефикасноста на колекторскиот систем, недоволната заштита на чувствителните екосистеми, како Студенчишкото Блато… Исто така, при мониторинг- мисиите на УНЕСКО во 2017, 2020 и 2024 година беше укажано на недоволна координација меѓу институциите и на неспроведување на нивните препораки.
Од Организацијата „О2 Иницијатива“, пак, деновиве реагираа дека на плажите на Охридското Езеро под концесија не се почитуваат ниту препораките на УНЕСКО ниту договорите за закуп.
– Педесет отсто од просторот треба да е оставен слободен, без лежалки и друга опрема. Канео и Потпеш се лежалка до лежалка, со бетонирани ѕитчиња и слично. Ни инспекција постапува ни градоначалникот Пецаков се потресува. Сите глумат лудило – посочуваат од „О2 Иницијатива“.
Тие ги повикуваат градоначалникот на Охрид и општинската инспекција да постапи.
Инаку, впишувањето на листата во опасност може да влијае врз меѓународниот углед на Охрид и да испрати порака дека не била доволно ефикасна досегашната заштита. Тоа може да донесе построги услови за идните урбанистички и инфраструктурни проекти и да го зголеми притисокот врз институциите да ги исполнат препораките на УНЕСКО.
Доколку државата подолг период не покаже напредок во заштитата на регионот, постои можност Комитетот за светско наследство да ја разгледа и најстрогата мерка: бришење на Охридскиот Регион од листата на светско наследство. Сепак, тоа е исклучително ретка постапка што се применува само во случаи кога е трајно нарушена исклучителната универзална вредност на едно светско наследство. (Д. Т.)












