четврток, октомври 1, 2026
Дома МАГАЗИН Охрабрувачки научен пробив: Персонализирана вакцина спречи повторување на ракот на бубрег кај...

Охрабрувачки научен пробив: Персонализирана вакцина спречи повторување на ракот на бубрег кај девет пациенти

0

Во мало клиничко испитување на персонализирана вакцина против рак на бубрег, болеста не се врати кај ниту еден од деветте пациенти што ја примија вакцината. Учесниците беа следени во просек три години и четири месеци по операцијата, а резултатите се сметаат за охрабрувачки, иако поради малиот број испитаници не може со сигурност да се тврди дека вакцината го спречила враќањето на болеста.

Персонализирана вакцина против рак

Научниците развија експериментална вакцина која го учи имунолошкиот систем да ги препознава клетките на ракот. Процесот вклучува анализа на туморот на секој пациент, избор на уникатни делови од протеини – таканаречени неоантигени – и нивна употреба за изработка на вакцината. Целта е да се поттикне одбранбениот систем на телото да го нападне ракот кој е специфичен за тој поединец.

Охрабрувачки резултати од мало истражување

Во истражувањето учествуваа девет лица со светлоклеточен карцином на бубрег, кој е најчеста форма на оваа болест кај возрасните. Седум пациенти беа во третиот, а двајца во четвртиот стадиум на болеста.

На сите пациенти туморите им беа целосно хируршки отстранети и во моментот на вакцинацијата немаа видливи знаци на болеста, но беа под висок ризик од нејзино повторно појавување. Научниците се надеваа дека со вакцината ќе го обучат имунолошкиот систем да ги уништи преостанатите клетки на ракот кои се премногу мали за да се откријат со стандардни прегледи. Кај сите девет пациенти се разви имунолошки одговор, а кај седум од нив Т-клетките активирани од вакцината успеаја да го препознаат и сопствениот тумор на пациентот.

Потребна е претпазливост при толкувањето

Истражувачите предупредуваат дека резултатите мора да се толкуваат со претпазливост. „Со оглед на ограничениот број пациенти, мораме да бидеме внимателни во понатамошните интерпретации“, порачаа Дејвид Браун од Универзитетот Јеил и Тони Чуеири од Институтот за рак „Дана-Фарбер“, кои го предводеа истражувањето.

Бидејќи студијата немаше контролна група, невозможно е да се утврди кај колку пациенти болеста би се вратила доколку не ја примиле вакцината. Исто така, ова истражување не може да потврди дали додавањето на имунотерапевтскиот лек ипилимумаб, кој го примија петмина пациенти, дополнително го подобрило исходот.

Предизвици во изработката на вакцината

Изработката на вакцина против рак на бубрег е посебен предизвик бидејќи овие тумори обично имаат помалку мутации отколку, на пример, меланомот, што значи и помал број потенцијални цели за вакцината. И покрај тоа, научниот тим успеа да произведе вакцина за секој учесник. „Нашата цел беше да изградиме траен имунитет на антигени специфични за туморот, што на крајот би довело до имунолошки одговор против самиот тумор“, изјавија Браун и Чуеири.

Следењето покажа дека имунолошкиот одговор трае со години. Клучен чекор беше да се потврди дека Т-клетките активирани од вакцината можат да ги препознаат вистинските клетки на туморот, а не само нивните делови во лабораторија. Во седум од девет случаи успеаја да го потврдат токму тоа. „Истраживме дали Т-клетките што ги активираше вакцината се способни да го препознаат сопствениот тумор на пациентот“, наведуваат истражувачите и објаснуваат дека тоа било голем технички предизвик бидејќи за секој пациент морале да сочуваат витални клетки од туморот.

Безбедност и идни истражувања

Студијата од првата фаза првенствено беше насочена кон безбедноста и подносливоста. Најчестите несакани ефекти беа благи, како реакции на местото на инјектирање и привремени симптоми слични на грип. Ниту еден од учесниците немаше тешки несакани ефекти. Иако наодите покажаа дека за овој тип на рак е можно да се изработат вакцини што создаваат траен имунолошки одговор, останува нејасно дали тие навистина го подобруваат исходот од лекувањето.

„Мораме да ги испитаме персонализираните вакцини на многу поголем број пациенти и да се увериме дека тие навистина ги подобруваат резултатите во споредба со тековното стандардно лекување“, заклучија Браун и Чуеири. Во тек е поголемо истражување, INTerpath-004, кое тестира друга персонализирана вакцина базирана на mRNA технологија во комбинација со имунотерапија. Студијата беше објавена во списанието Nature.

ИЗДВОЕНИ