Со прифаќањето на дел од амандманите на комисиската расправа за измените на Законот за животна средина, се зачувани дел од законските одредби за заштита на контаминираните подрачја, информираат од Демократската обнова на Македонија (ДОМ). Од партијата го поздравуваат овој чекор, но посочуваат дека тој не претставува целосно решение за проблемите поврзани со загадените подрачја и со заштитата на животната средина.
Според ДОМ, неопходно е дополнително и прецизно доуредување на законската рамка, со конкретни и применливи решенија, правилници и акти, во согласност со експертските препораки. Пред комисиската расправа, ДОМ предупреди за три ризици што, според неа, произлегуваат од предложените законски измени. Меѓу нив се бришењето на одредбите за санација на еколошките жаришта, како што се ОХИС, Лојане и „Југохром“, можноста за ослабување на заштитата од тешката индустрија во радиус од пет километри од населени места и заштитени природни подрачја, како и проширувањето на можностите за избегнување целосна постапка за оцена на влијанието врз животната средина.
Од ДОМ дополнително укажуваат дека треба јасно да се регулира и безбедната оддалеченост на индустриските капацитети од населените места. Партијата оценува дека е важно зачувувањето на дел од постојните одредби, но дека мора да биде дополнета законската рамка со механизми што ќе овозможат нивна доследна примена.
ДОМ порачува дека заштитата на здравјето на граѓаните и на животната средина бара одговорни институции, јасни законски обврски и конкретни мерки за санација на загадените подрачја.












