„Балканвело“ е двегодишен прекуграничен проект во кој учествува Фондацијата ФЛОРИТ од Гевгелија и кој е финансиран преку програмата Interreg VI-A IPA Бугарија –Македонија 2021–2027. Проектот, кој ги поврзува подрачјата на Гевгелија и на Богданци од македонска страна со Разлог и Банско од бугарска страна почна во март 2025 година и треба да трае до март 2027 година. Вкупниот буџет е околу 950 илјади евра, од кои околу 808 илјади евра се европско финансирање. Ако се реализира целосно, „Балканвело“ ќе помогне Гевгелија да понуди нешто повеќе од транзитен, казино и бањски туризам, односно туристички производ поврзан со Кожуф, Серменин, Ѓавото, природата, велосипедизмот, пешачењето, прекрасните селски предели и локалното културно наследство.

За овој проект разговараме со Ристо Атанасовски, директор на Фондацијата за локален развој и информатички технологии – ФЛОРИТ од Гевгелија и проект-координатор во рамките на прекуграничниот проект „Балкански алтернативни маршрути за одржлив туризам преку целата сезона (Балканвело).

Која е главната цел на проектот „Балканвело?

Целта е да не биде концентриран туризмот само на традиционалните туристички места туку и да се насочат посетителите кон руралните подрачја, планините и природните локалитети. Идејата не е само да изградиме или обележиме велосипедски патеки. Целта е да создадеме целосно туристичко доживување: патеки, инфраструктура, информации, дигитални содржини, локални услуги и атракции што ќе бидат меѓусебно поврзани.

Зошто токму велосипедизмот и алтернативната мобилност се во фокусот на проектот?

Начинот на кој патуваат луѓето и на кој ги откриваат дестинациите се менува. Сè повеќе туристи сакаат да бидат активни, да престојуваат во природа, да посетуваат помали места и да ги запознаат локалната храна, културата и начинот на живот. Велосипедизмот одлично се вклопува во тој концепт. Велосипедистот не сака само да стигне од една до друга точка. Тој застанува, истражува, фотографира, ги посетува локалитетите, ги користи локалните услуги. Затоа велосипедизмот може да биде интересен и од туристички и од економски аспект. Истовремено, зборуваме и за одржлива мобилност – начин на движење што има многу помало влијание врз животната средина и што овозможува поинаков однос кон просторот низ кој се патува.

Кои се партнерите во „Балканвело“ и што значи тоа што обединува проектот девет различни организации?

Во проектот учествуваат девет партнери. Водечки партнер е Општина Разлог, а партнери се Општина Гевгелија, Општина Богданци, Фондацијата за локален развој и развој на информатички технологии – ФЛОРИТ од Гевгелија, Агенцијата за економски развој – Банско, Здружението „Дестинација Разлог“, ски-клубот „Разлог“ и компаниите „Хај стандард“ и „Френдс травел“.

Мислам дека токму разновидноста на партнерството е една од добрите страни на проектот. Имаме локални самоуправи, организации што работат на локалниот и на туристичкиот развој, спортски организации и приватен сектор. Прекуграничниот карактер на „Балканвело“ дополнително ни овозможува да разменуваме искуства и заеднички да развиваме производ што не завршува на државната граница.

Што е реализирано досега во рамките на проектот?

„Направивме детално мапирање на постојните велосипедски и рекреативни патеки, туристичките услуги, природните и културните атракции и на локалниот синџир на вредност. Ги анализиравме и современите европски и светски трендови во велосипедскиот и во активниот туризам, а беше спроведено и теренско истражување со засегнатите локални страни. Изработени се и регионална и прекугранична стратегија, како и стратегија за брендирање и маркетинг. За нас беше важно најпрво да видиме со што реално располагаме, кои се слабостите, што бара современиот турист и како можеме да ги поврземе различните локални ресурси во една целина. Паралелно се реализираат и инфраструктурните активности, пред сè во Серменин и во Ѓавото.

Реално, имаат ли Гевгелија и овој дел од државата потенцијал за велосипедски туризам?

Мислам дека имаат, но треба да бидеме реални: потенцијалот сам по себе не создава туристичка дестинација. Имаме многу интересна комбинација на простор. Од една страна е Кожуф со Серменин, Коњско, Ума, Смрдлива Вода и прекрасни планински предели. Од друга страна, околу Богданци и Ѓавото имаме сосема поинаков пејзаж, културни и археолошки локалитети, Паљурци, ветерниот парк и близината на Дојран. Дополнителна предност е климата. Во нашиот регион сезоната за велосипедизам и активности на отворено може да биде релативно долга. Но, патеката сама по себе не е доволна. Потребни се добро означување, информации, сместување, гастрономија, водичи, дигитални мапи, сервисни услуги и добра промоција. Токму поврзувањето на сите тие елементи е еден од предизвиците на „Балканвело“.

Како се создава од една велосипедска патека туристички производ што може да донесе економска корист за локалната заедница?

Ова е, можеби, едно од најважните прашања. Можеме да изградиме прекрасна патека, но ако не знае туристот дека постои, не знае како да стигне до неа, каде да преспие или каде да јаде, тогаш сме направиле само инфраструктура, а не туристички производ. Туристичкиот производ почнува кога ќе го поврземе сето тоа. Велосипедистот треба лесно да ја најде патеката на Интернет, да види колку е долга и тешка, што може да посети по патот, каде може да јаде, да преспие или да купи локален производ. Затоа многу внимание во „Балканвело“ му посветивме и на мапирањето на локалниот синџир на вредност.

Што конкретно се прави во Серменин и во Ѓавото и што ќе добијат посетителите?

Во Серменин, фокусот е на планинскиот и на активниот туризам и на поврзувањето со Кожуф. Таму се работи на мултифункционален објект и на новата велосипедска патека, а во околината идентификувавме повеќе интересни рекреативни и велосипедски правци кон Коњско, врвовите на Кожуф, одморалиштето „Смрдлива Вода“ и други локации. Во Ѓавото се работи на објектот на Домот на културата, кој треба да биде една од почетните точки за истражување на поширокото подрачје на Богданци и на околните населени места. Планирано е да завршат градежните активности на двата објекти до крајот на годината. Нашата намера е потоа да ја поврземе физичката инфраструктура со патеките, туристичките атракции и со дигиталните содржини.

Колку е важна дигиталната компонента? Денес туристите најчесто прво ја „посетуваат“ дестинацијата преку телефон.

Токму така. Денес патувањето многу често почнува на „Гугл“, на некоја туристичка платформа или на мобилна апликација, многу пред туристот физички да пристигне на дестинацијата. Затоа е предвидено создавање интерактивни содржини за патеките и за туристичките точки. Планираме виртуелно претставување на објектите во Серменин и во Ѓавото, снимање и дигитално прикажување на избраните патеки, подобро позиционирање на точките од интерес на „Гугл“ и подготовка на интерактивна мапа. Сакаме човек што никогаш не бил на Кожуф или во овој дел од регионот, уште од дома да може да види каде оди, каков терен го очекува, што може да посети и кои услуги му се достапни.

Која е улогата на Фондацијата ФЛОРИТ од Гевгелија во „Балканвело“?

ФЛОРИТ е една од деветте партнерски организации и нашиот ангажман е насочен, пред сè, кон развојниот и туристичкиот дел на проектот. Бевме директно вклучени во мапирањето на постојните патеки, туристичките услуги, синџирот на вредност, анализата на актуелните трендови, истражувањето со засегнатите страни, како и во подготовката на регионалната и прекуграничната стратегија и на стратегијата за брендирање и маркетинг. Во следниот период ќе бидеме вклучени и во дигиталното претставување и во промоцијата на новата понуда.

Што треба да остане по завршувањето на „Балканвело“?

Треба да останат подобрената инфраструктура во Серменин и во Ѓавото, новите и мапирани велосипедски и рекреативни маршрути, дигиталните содржини, интерактивните мапи и поголемата видливост на локалните атракции. Но, уште поважно е да остане воспоставената соработка меѓу институциите, организациите и локалниот бизнис. Наша поширока амбиција е луѓето постепено да почнат да го препознаваат овој простор како дестинација во која може да се дојде не само на еден ден туку и да се остане, да се вози велосипед, да се пешачи, да се посети село, да се проба локалната храна и да се откријат места што досега не биле доволно видливи. Ако помогне  „Балканвело“ да се постави таква основа и ако продолжи да се развива таа и по завршувањето на проектот, тогаш можеме да кажеме дека проектот ја постигнал својата вистинска цел.

(Љ.А.)

 

ИЗДВОЕНИ