Завршени се активностите за оградување и партерно уредување на депонијата за градежен шут, која се наоѓа на локалниот пат „Берово – Абланица – Црвен Брег“.
Со реализацијата на проектот е создаден соодветно уреден и ограден простор наменет за одлагање на градежниот шут.
– Целта е да се овозможи подобро управување со градежниот отпад, но и да се спречи неговото неконтролирано одлагање на несоодветни локации – соопштија од Општина Берово.
Оттаму додаваат дека проектот е реализиран со финансиска поддршка од Министерството за локална самоуправа, во рамките на повикот за финансирање за намалување на диспаритетите меѓу и во рамки на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.
Вкупната вредност на проектот изнесува 399.684 денари.
Од локалната самоуправа посочуваат дека со реализацијата на овој проект продолжуваат активностите насочени кон подобрување на комуналната инфраструктура, уредување на јавните простори и создавање почиста и пофункционална средина за граѓаните.
– Уредувањето на локацијата треба да придонесе за поголема контрола врз одлагањето на градежниот отпад и за намалување на појавите на создавање диви депонии, со што се очекува позитивен ефект и врз заштитата на животната средина – сметаат од Општина Берово.
Притоа најавуваат дека ќе продолжат со реализација на конкретни проекти за уредување на просторот и подобрување на условите за живот на граѓаните.












