среда, август 26, 2026
Дома СКОПСКА Испратете им подарок на кучињата од „Лајка“ – „И тие знаат што...

Испратете им подарок на кучињата од „Лајка“ – „И тие знаат што значи радост“

21

По повод 26 Август – Меѓународниот ден на кучињата, ЈП „Лајка“ и Волт Македонија започнаа заедничка иницијатива преку која граѓаните можат, на едноставен и непосреден начин, да испратат подарок за кучињата што престојуваат во прифатилиштето

Во текот на оваа недела, преку опцијата „Send as a gift“ во апликацијата „Волт“, корисниците можат да изберат храна, грицки, играчки или други производи од пет-шоп партнерите на платформата и да ги испратат директно на адресата на ЈП „Лајка“.

– Под мотото „И тие знаат што значи радост“, оваа иницијатива има цел да ги вклучи граѓаните во грижата за бездомните кучиња и да покаже дека за да направиме добро дело, понекогаш се потребни само неколку минути. Секој испратен подарок значи повеќе од материјална донација. Тој носи дополнителна грижа, внимание и радост за кучињата што сè уште го чекаат својот дом. Воедно, иницијативата е потсетување дека подобрувањето на благосостојбата на бездомните животни е заедничка одговорност во која можат да се вклучат и граѓаните и општествено одговорните компании – велат од ЈП „Лајка“.

Притоа, ги повикуваат граѓаните да се приклучат кон иницијативата, да испратат подарок преку „Волт“ и да им го разубават денот на кучињата во прифатилиштето, затоа што, како што велат и тие се радуваат, и тие чувствуваат и тие заслужуваат грижа.

По повод 26 Август – Меѓународниот ден на кучињата, ЈП „Лајка“ потсетува дека овој ден не е само можност да ја славиме поврзаноста меѓу луѓето и кучињата, туку и повод сериозно да размислиме за нашата одговорност кон нив.

– Кучињата се дел од нашето секојдневие и од заедницата во која живееме. Сепак, голем број од нив и понатаму завршуваат на улица како последица на неодговорно сопствеништво, неконтролирано размножување, напуштање и непочитување на законските обврски. Бездомните кучиња не се појавуваат сами – тие се последица на човечки постапки и на долгогодишно отсуство на доследна, заедничка одговорност. Создавањето похумано и побезбедно општество не зависи само од работата на едно јавно претпријатие или прифатилиште. Тоа бара вклученост од институциите, локалните самоуправи, сопствениците на домашни миленици и од секој граѓанин поединечно – нагласуваат од ЈП „Лајка“.

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ