недела, јули 12, 2026
Дома СКОПСКА Одржан е кризен состанок во Општина Центар и дадени се експертски препораки...

Одржан е кризен состанок во Општина Центар и дадени се експертски препораки – да се затрупа градежната јама

51

– Се донесоа интервентни одлуки и мерки што треба да се прави веднаш, се дадоа и налози како ќе се постапува понатаму, па во наредните денови ќе има разрешница. Најбитно е што ние се потрудивме, како експерти, да ги дадеме најдобрите совети за да се санира состојбата и за да немаме проширување на тој проблем на соседните објекти, од што и најмногу стравуваме – објасни деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски

 

Општина Центар веќе доставила писмо до Градежниот факултет, со барање совети за санирање на свлечиштето на улицата „Христо Смирненски“, кое настана при вршење ископ на дупка за изградба на зграда со багер, во центарот на Скопје.

Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски, денеска информираше дека се одржал кризен состанок и биле дадени експертски препораки.

– Најбитната е, да се затрупа градежната јама и да се врати во првобитната состојба, па потоа да се бараат решенија, за што се согласиле и градоначалникот и инвеститорот – нагласи Јосифовски.

Тој додаде дека писмото пристигнало вчера претпладне, а во вчеравечер, во просториите на Општината Центар се одржал кризен состанок на кој присуствувал и Јосифовски.

– Се донесоа интервентни одлуки и мерки што треба да се прави веднаш, се дадоа и налози како ќе се постапува понатаму, па во наредните денови ќе има разрешница. Најбитно е што ние се потрудивме, како експерти, да ги дадеме најдобрите совети за да се санира состојбата и за да немаме проширување на тој проблем на соседните објекти, од што и најмногу стравуваме – објасни деканот.

Вакви инциденти, според професорот, се случуваат зашто не се следат позитивните искуства и практики за заштита на градежните јами, а и инспекторите се дефицитарни.

– Општина Центар нема соодветен инспектор што може да излезе на терен и да направи соодветен увид. Со оглед на тоа што имав увид и во техничката документација конкретно за овој проблем, морам да кажам дека работите не се изведени и не е направена заштитата согласно со постојната техничка документација, што значи немало ни стручен надзор на терен, инженер со овластување што е задолжен да го прави тоа, кој имал шанса и да реагира и да бара да бидат изведени работите на терен како што се проектирани – Јосифовски.

Професорот дополни и дека не се соодветно оградени градилиштата, зградите што се градат.

– Тоа беше, исто така, споменато на состанокот, дека мора да има тврди прегради, да се заштити просторот, зашто вака не ги задоволува критериумите на заштита и има опасност од некаков дополнителен немил настан – дециден е деканот на Градежниот факултет.

Притоа, наведе дека недоволно им се посветува внимание на градежните работи, особено во густоизградените урбани средини, како што е центарот на Скопје.

– Треба да се преевалуираат сите процедури за тоа што е неопходно да се исполни пред да се почне со градба. Во законската регулатива не постои задолжение за изведба, за проект за заштита на градежни јами и токму оттука настануваат сите проблеми како овие, изминатите два-три месеци – рече Јосифовски.

Како што оцени тој, сите институции, во својот домен, треба да го направат она што е потребно.

– На едно од претходните случувања имавме и човечки жртви, односно човечка загуба, што е нешто најстрашно што може да се случи. Сметам дека треба да се разбудиме, треба сите институции, во својот домен, да го направат она што е потребно, а ние, како Градежен факултет и фела, тука сме да ги дадеме нашите согледувања и инструкции што е неопходно да се направи за да не се повторуваат вакви состојби во иднина – заклучи Јосифовски.

 

 

ИЗДВОЕНИ