По првата ревијална вечер на „Фолк-фест Валандово 2026“!
Валандово, убаво, медитерански топло, полно со расцутени калинки, запеа синоќа во еден глас, со што беше најавен почетокот на годинашното 39. фестивалско издание по ред. Македонската песна повторно ја покажа својата моќ, својата певливост, целата своја емоција.
Под валандовското ведро и веќе летно ноќно небо, пред публиката, која дојде на валандовскиот плоштад во огромен број, пееше заедно со пејачите со сиот глас, со што уште еднаш ги растрепери сите чувства. Бидејќи македонската песна е наша неразделна врска, жива нишка што ги поврзува генерациите, градовите, семејствата и сите оние што ја носат Македонија длабоко во своето срце.
Распеаната ревијална вечер ја отвори една од врвните дами на македонската естрада, широко распеана и сè уште жив оган, нашата прилепчанка по местото на раѓање – Блага Петреска. Таа нè потсети на своите поранешни хитови („Ти ме предаде“, „Заљуби се“ – прва награда од публиката и „Пеам да не заплачам“, кои станаа нераскинлив дел од нашето музичко наследство), со кои ги освои најзначајните фестивалски награди и со кои си го зацементира местото на естрадата. Публиката ѝ возврати со овации, ракоплескање, а таа ѝ се одолжи на својот препознатлив начин. Сите ги разигра, сите пееја со неа. Пејачката ѕвезда воедно се закити и со значајната награда за животно дело.
По нејзиниот настап, на вечните валандовски хитови, преку својата маестрална интерпретација, нè потсетија и Мишко Крстевски, Елена Велевска, Христијан Божинов-Кико, Марјан Коцев и Катерина Брезева од „Соната“.
Се редеа, меѓу другите, сега веќе евергрините: „Лична валандовчанка“, „Каде сте, Македончиња“, „Сношти, Кате“, „Доме мој“, „Едно срце имам, душо“, „Ај засвирете, млади момчиња“, „Стариот џумбушлија“, „Кој ја роди песната“, „Само една песна таговна“, „Една песна јас да запеам“, „Срце бакшиш“, „Дојди ми, Лено, на перниче бело“, „Љубов моја ранлива“, „Мајсторе, мајсторе“, „Врати ми сѐ“, „Китен девере“, „Лихнида кајче веслаше“, „Жал за Деспина“, „Дајте ми ја“, „Во црно вино утеха нема“, „Како да ти речам, мила, врати се“ „За таа љубов да наздравиме“…
А, кога сите заедно ја испеаја несудената македонска химна „Бисер балкански“, (песна испеана со Гоце Николовски), Валандово остави впечаток на голема емотивна македонска музичка престолнина.
Фестивалската песнопојка на крајот од вечерта беше заокружена со солистички концерт на генијалниот Влатко Миладиновски, здружен со оркестарот на брат му, Златко Миладиновски. Еден од најпопуларните изведувачи на македонска народна музика ги донесе на валандовскиот плоштад онаа неопишана енергија, оние емоции и целата таа концертна атмосфера со која неодамна ги исполни скопската арена „Борис Трајковски“ и охридскиот Антички театар.
Со љубов, традиција, препознатлива македонска мелодија и со силна врска со публиката. Така што Влатко Миладиновски приреди фестивалско-валандовски концерт со љубов, со препознатливата македонска песна за паметење и достојна завршница на претфестивалската финална натпреварувачка вечер на „Фолк-фест Валандово“.
(Д. М.) фото: Валандово-ФБ












