Реформите во јавната администрација, поедноставувањето на бирократските процедури и насочувањето на инвестициите кон приоритетните сектори се меѓу клучните барања на бизнис-заедницата за подобрување на деловната клима. Коморите веќе имаат потпишано заедничка платформа со насоки за економски развој, капитални инвестиции и за неопходни институционални промени. Според бизнис-секторот, неефикасната администрација останува сериозна пречка за развој на компаниите.
Едно од решенијата што го предлага бизнис-заедницата е јавно-приватното партнерство, преку кое приватниот сектор би инвестирал во јавните претпријатија што работат со загуби, со цел да се подобрат нивната ефикасност и финансиските резултати, а државата би можела да ја задржи доминантната сопственост.
– Сметаме дека јавно-приватното партнерство е особено значајно за понатамошниот развој на економијата и на бизнисот, а истовремено може да придонесе и за решавање на проблемите во јавните претпријатија – изјави претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски.
Преку ваквите модели би се овозможиле инвестиции во современа опрема, развој на човечките ресурси и доквалификација и преквалификација на вработените. Со подобра организација на работата, би се создале услови и за поголема искористеност на постојниот кадар, вклучително и можност дел од вработените да преминат во приватниот сектор.
– Во дел од јавните претпријатија има вработени што не се доволно ангажирани. Преку јавно-приватно партнерство и поефикасна организација на работата, би можеле да се создадат услови за нивни премин во приватниот сектор. Целта е компаниите да станат главни носители на економскиот развој и да создаваат нова вредност, со почитување на работничките права и во дијалог со сите засегнати страни – посочува Ѓорѓиевски.
Од Владата, исто така, сметаат дека јавно-приватното партнерство може да придонесе за реализација на капиталните проекти и за подобрување на јавните услуги. Сепак, според заменик-министерот за економија, Маријан Ристески, постојниот закон треба да се измени за да се отстранат слабостите што создаваат несигурност кај институциите при неговата примена.
– Јавно-приватното партнерство е важен механизам за реализација на јавните потреби и на капиталните проекти. Во Владата веќе работиме на ова прашање и очекувам да биде разгледан законот и во рамките на Економско-социјалниот совет – изјави Ристески.
Тој посочи дека паралелно се спроведуваат реформи за поефикасна јавна администрација, преку дигитализација на услугите, поедноставување на постапките и оптимизација на давачките за компаниите. Идентификувани се околу 100 административни постапки, од кои 51 се оценети како проблематични и погодни за поедноставување. Дополнително, од вкупно 77 евидентирани парафискални давачки, изработена е методологија за оптимизација на 28.
Како дел од реформите, дигитализирани се постапките за категоризација на угостителските објекти и за издавање лиценци за ноќни клубови и дискотеки.
– Целта е да се намали административниот товар, компаниите да добиваат поквалитетни услуги и средствата што ги плаќаат да може да ги насочат кон развој на бизнисите и кон отворање нови работни места – нагласи Ристески.
Според него, во последниов период се забележува и премин на дел од вработените од јавната администрација во приватниот сектор, што го оценува како позитивно за економијата. Целта е приватниот сектор да стане попривлечен за вработување, со што ќе се зголеми неговиот капацитет за создавање нова вредност.
Ѓорѓиевски, во меѓувреме, нагласува дека на микро, малите и на средните претпријатија им е потребна посилна финансиска поддршка. Иако кредитната линија од Унгарија помогнала за дел од компаниите, учеството на големите фирми го ограничило пристапот на некои помали претпријатија до потребните средства. Финансирањето е важно за модернизација на производството, зголемување на продуктивноста и за зајакнување на извозниот потенцијал.
Дополнителен предизвик за компаниите е растот на производствените трошоци, поттикнат од високите цени на нафтата и на суровините, како и од растот на платите во приватниот сектор. Овие притисоци ја зголемуваат потребата од корекција на продажните цени, кои компаниите ги формираат во согласност со сопствените трошоци, пазарните услови и со конкуренцијата.
Во насока на зголемување на продуктивноста, Ѓорѓиевски смета дека треба да се разгледа и можноста за плаќање според одработените часови.
– Фокусот не треба да биде на намалување на очекувањата, туку на зголемување на продуктивноста. Плаќањето по работен час би овозможило поголема флексибилност на пазарот на трудот и можност продуктивните работници да заработуваат повеќе, а полесно да ги усогласуваат работните и семејните обврски – смета Ѓорѓиевски.
Ристески, пак, посочува дека различните модели за пресметување на надоместокот за труд треба дополнително да се анализираат, врз основа на искуствата на поразвиените земји.
– Треба да се разгледа ова прашање во рамките на Економско-социјалниот совет, со учество на институциите, синдикатите и на организациите на работодавците – изјави Ристески.
Јавно-приватното партнерство, поефикасната јавна администрација и поголемата мобилност на работната сила се меѓу клучните предуслови за подобрување на деловната клима и за забрзување на економскиот развој. Бизнис-заедницата очекува законски измени, помал административен товар и поголема поддршка за компаниите, особено за малите и за средните претпријатија. Крајната цел е јавните претпријатија да работат поефикасно, приватниот сектор да отвора нови работни места, а инвестициите и растот на продуктивноста да придонесат за посилна економија.
(А. С.)












