Германската влада постигна договор за голема реформа на задолжителното осигурување за долготрајна нега, а промените кои треба да стапат на сила од 2027 година ќе донесат повисоки трошоци за одредени категории граѓани, пред сè за вработените без деца и лицата со повисоки примања.
Договорот е постигнат по тешки преговори внатре во владејачката коалиција на канцеларот Фридрих Мерц, а владата го усвои нацрт-законот по разговорите меѓу конзервативниот блок предводен од ЦДУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Задолжителното осигурување за долготрајна нега ги покрива луѓето на кои поради старост, болест или инвалидитет им е потребна помош во секојдневниот живот, но системот се соочува со сè поголем финансиски притисок поради стареењето на германското население.
Уште во текот на оваа година му се заканува дефицит кој се мери во милијарди евра, поради што германските власти се обидуваат да пронајдат дополнителни извори на приходи и истовремено да спречат неконтролиран раст на трошоците.
Реформата е дел од поширокиот пакет промени на кој инсистираше канцеларот Мерц, и покрај растечкото незадоволство кај дел од јавноста и политичките несогласувања меѓу коалициските партнери.
По претходното зголемување на стапките, вработените моментално издвојуваат 3,6 проценти од оданочливиот приход за осигурување за долготрајна нега, додека стапката за лицата без деца е повисока и изнесува 4,2 проценти.
Една од основните цели на реформата е да се спречи општо зголемување на придонесите за сите вработени, но тоа не значи дека сите граѓани ќе бидат поштедени од дополнителни трошоци.
Посебно зголемување ги очекува вработените без деца, на кои од 1 јануари 2027 година вкупната стапка на придонеси за осигурување за долготрајна нега треба да им се зголеми на 4,5 проценти.
Нивниот дополнителен придонес така ќе биде зголемен од сегашните 0,6 на 0,9 проценти, односно за 0,3 процентни поени.
Според проценките што ги пренесуваат германските медиуми, само оваа мерка во текот на 2027 година на системот за осигурување за долготрајна нега треба да му обезбеди приближно 3,3 милијарди евра дополнителни приходи, наведува Феникс.
Повисока сметка очекува и дел од граѓаните со високи примања, бидејќи од 2027 година ќе се зголеми границата на приходи до која се пресметуваат придонесите за осигурување за долготрајна нега.
Во однос на месечниот лимит од 5.812,50 евра во 2026 година, прагот би требало да се зголеми за 300 евра месечно.
Тоа практично значи дека оние кои заработуваат повеќе од сегашната граница во иднина ќе плаќаат придонеси на поголем дел од своите приходи, со што системот за осигурување за долготрајна нега се усогласува со веќе планираното зголемување на границата за задолжително здравствено осигурување.
Нова обврска пристигнува и една година подоцна, бидејќи од 1 јануари 2028 година треба да се воведе дополнителен придонес од 0,52 процентни поени за одредени брачни другари и животни партнери кои се осигурени преку носителот на осигурувањето и моментално не плаќаат сопствени придонеси.
Сепак, предвидени се исклучоци, па дополнителниот придонес нема да се наплаќа доколку осигуреникот или соосигурениот партнер има дете помладо од 12 години, се грижи за дете со инвалидитет или доколку соосигурениот партнер дома негува член на семејството на кој му е утврден најмалку втор степен на потреба од долготрајна нега.
Децата и понатаму ќе можат да бидат опфатени со семејното осигурување без плаќање придонеси.
Планираните мерки за штедење вклучуваа и построги критериуми за проценка дали на некого му е потребна долготрајна нега, како и одредување на нивото на помош што може да се добие на товар на осигурувањето, но СПД се спротивстави на дел од предлозите.
„Ова не смее да биде само пакет кратења“, порача копретседавачот на СПД, министер за финансии и вицеканцелар Ларс Клингбајл, кој претходно го критикуваше пристапот на Мерц кон реформите и предупреди дека се потребни и системски промени.
Сè до почетокот на седницата на владата не беше извесно дали коалициските партнери ќе постигнат компромис, и иако владата сега го усвои нацртот на реформата, законот мора да добие и согласност од парламентот пред предвидените промени да можат да стапат на сила.












