Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ најавува нов инвестициски проект во Битола, со кој во следните четири години се предвидува отворање на 2.000 нови работни места. Во фабриката во индустриската зона „Жабени“ ќе се произведуваат автомобилски компоненти за нов модел на „Ауди“, а инвестицијата ќе донесе и нови технологии, дигитализација и примена на вештачка интелигенција.
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека проектот претставува значаен развоен импулс за Битола, Пелагонискиот Регион и домашната економија. Според најавите, производството ќе достигне над 3.000 кабелски снопови дневно, додека со новите вработувања вкупниот број вработени во компанијата во Македонија се очекува да достигне околу 10.000.
Мицкоски посочи дека компанијата досега реализирала три инвестициски проекти во “Жабени’ и моментално вработува над 5.000 лица во Битола и повеќе од 1.700 во Скопје. Тој информираше дека следната година се очекува извозот на „Кромберг и Шуберт“ од производните капацитети во земјава да надмине 400 милиони евра.
Комерцијалниот директор на „Кромберг и Шуберт“ – Македонија, Ѓорѓи Тренковски најави дека со новиот проект дел од развојните и раководните активности постепено ќе се префрлат во Битола. Инженерите ќе работат на развој и имплементација на современи технологии, меѓу кои системи со вештачка интелигенција и автоматски камери за контрола на квалитетот.
– Наместо одредени делови од кабелскиот сноп да се бројат рачно или со посебни машини, преку вештачка интелигенција се овозможува континуирано подобрување на процесите и квалитетот – објасни Тренковски.
Тој нагласи дека компанијата е задоволна од квалитетот на домашниот кадар и дека целта е македонските професионалци постепено да преземаат повеќе раководни функции.
– Од менаџери Германци ќе преминеме кон менаџери Македонци. Имаме извонредни кадри во Македонија и сакаме постепено да ги замениме странските кадри со македонски – изјави Тренковски.
Во однос на новите вработувања, компанијата првенствено ќе бара работници, оператори и инженери на домашниот пазар на труд. Доколку не бидат пополнети сите работни места, ќе се разгледа и можноста за ангажирање странски работници. Новата инвестиција треба да обезбеди дополнителни можности за вработување, развој на домашниот стручен кадар и зајакнување на извозниот потенцијал на земјата.
(С. Бл.) – Фото: Петр Стојановски












