Американскиот бек Лони Вокер повторно се враќа на европската кошаркарска сцена, а негова следна дестинација, според информациите од Грција, ќе биде амбициозниот турски клуб, Бешикташ.
Грчкиот новинар Сотирис Ветакис објави дека Вокер ќе го облече дресот на тимот од Истанбул, кој е предводен од српскиот тренер Душан Алимпијевиќ.
Овој потег доаѓа по неговото заминување од Денвер нагетс, а воедно ги менува и плановите што се најавуваа во текот на летото. Имено, претходно се шпекулираше дека би можел да потпише за белградски Партизан. Сепак, според грчките медиуми, од таа опција нема да има ништо бидејќи се одлучил за преселба во Истанбул.
Неговото враќање во Европа сигурно ќе привлече големо внимание, особено ако се има предвид дека веќе покажа дека располага со квалитет за да биде еден од најопасните поентери на евролигашката сцена. Со неговото евентуално пристигнување, Бешикташ би добил сериозно засилување за амбициите во новата сезона.











