
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, утре наутро ќе отпатуваат во Исламабад на разговори со Иран посредувани од Пакистан, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, во интервју за „Фокс њуз“ денес.
„Сите ќе бидат во состојба на готовност за да летаат за Пакистан доколку е потребно, но прво Стив и Џаред ќе одат таму и ќе ги информираат претседателот, потпретседателот и остатокот од тимот“, изјави Ливит за „Америка рипортс“ на „Фокс њуз“.
Се очекува иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, денес да пристигне во пакистанскиот главен град за да разговара за предлозите за продолжување на мировните преговори со САД.
Но, пакистански извори изјавија дека тој нема да се сретне со американските преговарачи таму. Аракчи напиша на платфората „Икс“ дека ги посетува Пакистан, Оман и Русија за да разговара за билатерални прашања со партнерите и да се консултира за регионални прашања, додавајќи дека соседите на Иран остануваат приоритет на Техеран.
Два извори од пакистанската влада запознаени со разговорите рекоа дека посетата на Аракчи ќе биде кратка и со цел разговори со САД, кои Пакистан потоа ќе ги пренесе на Вашингтон како посредник. Извештаите во иранските државни медиуми и пакистанските извори не го споменаа Мохамад Багер Калибаф, претседателот на иранскиот парламент.
Тој ја предводеше делегацијата на единствените разговори одржани досега претходно овој месец. Пакистански извори претходно изјавија дека американски тим за логистика и безбедност бил во Исламабад подготвувајќи се за потенцијални разговори. Последната рунда разговори се очекуваше во вторник, но никогаш не се одржа.
Иран соопшти дека не е подготвен да се обврзе на учество, а американската делегација предводена од потпретседателот Џ.Д. Венс никогаш не го напушти Вашингтон.
Пред три дена, Трамп еднострано го продолжи двонеделното примирје во последен момент за да им овозможи доволно време на преговарачите повторно да се сретнат, пренесе „Хина“.











