Француската влада од петок ќе започне со одобрување на бескаматни заеми во износ до 50.000 евра за продавниците што беа цел на ограбувачи и вандали за време на демонстрациите на 17 и 18 октомври, објави денеска министерот за економија Ролан Лескјур.
Кредитите ќе ги доделува јавната инвестициска банка „Бпифранс“ (Bpifrance), а за да се квалификуваат, сопствениците на бизниси мора да поднесат барање за надомест на штета до својата осигурителна компанија, пренесува „Ле Фигаро“.
Целта е на бизнисите што поскоро да им се обезбедат средства за да можат да ја покријат штетата и да продолжат со работа.
За време на средбата со претставници на бизнис-секторот во Министерството за економија во Париз, француската влада најави и формирање фонд за поддршка на претпријатија и продавници со помалку од 50 вработени.
Конкретните услови за пристап до овие средства допрва треба да се утврдат, но помошта ќе ги опфати и загубите во приходите настанати по 17 октомври.
Регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег најави пакет помош од пет милиони евра, кој вклучува поединечни грантови од 10.000 евра за секоја погодена продавница.
Локалните власти во регионот на Лион, исто така, започнаа со подготовка на мерки за помош.
Дополнително, владата во Париз ќе овозможи одложување на даночните обврски и нивно плаќање на рати за бизнисите што претрпеле штета, пренесува „Танјуг“.












