Работниците нема да добијат помали плати и покрај повисокиот придонес за пензиско осигурување. Станува збор за привремена прераспределба на придонесите, со која ќе се насочуваат повеќе средства кон ПИОМ, додека Агенцијата за вработување ќе добива помал дел од придонесите, без промена на вкупното издвојување од 28 проценти
Со исплатата на платата за јули почнува да се применува привремената измена во начинот на распределба на придонесите за задолжително социјално осигурување. Иако на прв поглед изгледа дека се зголемува издвојувањето за пензиско и инвалидско осигурување, сепак промените нема да влијаат ниту врз висината на нето-платите на работниците ниту врз вкупниот износ на придонесите што се плаќаат.
Вкупната стапка на придонесите останува непроменета и изнесува 28 проценти. Новината се однесува исклучиво на прераспределбата на средствата меѓу различните фондови за задолжително социјално осигурување, без дополнително финансиско оптоварување за работниците или за работодавците. Практично, измените ќе имаат административно влијание, пред сè, врз работодавците и сметководствените служби, кои, при пресметката на јулската плата, ќе треба да ја применат новата распределба на придонесите при нивната уплата.
Надлежните институции појаснуваат дека станува збор за техничка и привремена мерка, со која се менува само структурата на распределбата на придонесите, додека вкупното даночно и придонесно оптоварување на платите останува исто.
Со новите измени, стапката за задолжително пензиско и инвалидско осигурување се зголемува од 18,8 на 19,9 проценти, додека стапката за придонес за осигурување во случај на невработеност се намалува од 1,2 на 0,1 процент. Стапките за здравствено осигурување остануваат непроменети и изнесуваат 7,5 проценти за задолжителното здравствено осигурување и 0,5 проценти за осигурување во случај на повреда при работа и професионално заболување.
– Оваа промена нема да ги зголеми придонесите, ниту ќе влијае врз висината на бруто или нето-платите. Вкупното издвојување останува исто, а се менува само структурата на придонесите – се зголемува стапката за пензиско и инвалидско осигурување, додека се намалува придонесот за осигурување во случај на невработеност. Причината е што во Фондот за осигурување, во случај на невработеност, има доволно акумулирани средства. Од овој фонд се исплаќаат паричните надоместоци за лицата што останале без работа без своја вина, но од него се финансираат и активните мерки и програми за вработување, субвенциите за плати и други мерки за поддршка на пазарот на трудот. Затоа станува збор само за прераспределба на средствата, а не за ново финансиско оптоварување – изјави Ангел Димитров за весникот ВЕЧЕР.
Димитров посочува дека оваа прераспределба на придонесите е привремена мерка, која ќе важи шест месеци, односно до крајот на годинава.
– За трајно зголемување на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, потребна е поширока стручна и јавна расправа, како и законски измени. Во моментов се очекуваат анализите на Светската банка и на Меѓународниот монетарен фонд, кои треба да дадат препораки за идните реформи на пензискиот систем, меѓу кои и дали ќе има промени во вториот пензиски столб. Дури по завршувањето на тие анализи ќе може да се разговара за евентуални трајни измени во системот на придонеси – појасни Димитров.
Сепак, од промените во износот на стапките на придонесите губи Агенцијата за вработување, бидејќи се намалуваат парите што ќе ги добие преку осигурување на работниците во случај на невработеност. Промените на износот на придонесот ќе му користат на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), каде што ќе се слеат дополнителни пари.
Целта на оваа привремена мерка на Владата е да се подобри финансиската состојба на ПИОМ, кој се соочува со зголемени расходи поради серијата на линеарно покачување на пензиите. Оттаму, при донесувањето на измените, рекоа дека Агенцијата за вработување располага со доволно средства за редовно финансирање на надоместоците за невработените.
Новина има и за самовработените лица, кои плаќаат персонален данок според паушално утврден нето-доход.
Наместо тие самите да ги пресметуваат придонесите, тоа отсега ќе го прави Управата за јавни приходи, додека обврската за нивна уплата останува на самите нив.
Покрај основната стапка од 19,9 проценти за пензиско и инвалидско осигурување, законот предвидува и посебни стапки за лицата што работат на работни места со стаж на осигурување со зголемено траење, во зависност од категоријата на работното место.
(А. С.)












