Норвешка планира во фискалната 2027 година да обезбеди нова финансиска поддршка за Украина во износ од 85 милијарди норвешки круни (9,2 милијарди долари), исто колку и во тековната фискална 2026 година, соопшти норвешката Влада.
Норвешка е меѓу најголемите поддржувачи на Украина, заедно со останатите скандинавски и прибалтички земји. Владата на премиерот, Јонас Гар Стере, изработи долгорочен план за помош на Киев, поддржан од сите партии во норвешкиот Парламент.
Вкупната помош што Норвешка планира да ја обезбеди за Украина во периодот 2023-2030 година изнесува 274,5 милијарди круни, односно околу 30 милијарди долари.
Најавата за новата помош доаѓа во време кога Русија и Украина ги интензивираат нападите со беспилотни летала врз економската и логистичката инфраструктура длабоко зад линиите на фронтот.
Рускиот претседател Владимир Путин во саботата изјави дека Украина ја отворила Пандорината кутија со напаѓање на руски економски цели и најави одговор на, како што рече, најчувствителните сектори на украинската економија.












