По налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, припадници на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) утринава во околината на Нови Сад уапсија неколку лица, под сомнение дека планирале да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Србија. Обвинителството го идентификуваше Марко Веин (28) како организатор, а меѓу уапсените се наоѓа и една жена, идентификувана како Т.Ч.
Имено, Обвинителството издаде налог за апсење на овие лица врз основа на основано сомневање дека дејствувале како организирана криминална група, при што Марко Веин (28) бил организатор.
Се наведува дека Веин, со намера да предизвика немири во Белград вечерта на изборите – 25 октомври – регрутирал поединци кои требало да дејствуваат по негови наредби. Тој, исто така, е осомничен за набавка на оружје и други средства наменети за вршење насилство врз политички противници и полицијата.
Уапсените се соочуваат со обвиненија поврзани со подготовка на дела против уставниот поредок и безбедноста на Србија, како и за поттикнување на насилно менување на уставниот поредок.
Тие се осомничени дека повикувале и поттикнувале на соборување на највисоките државни органи преку употреба на сила.
Според информациите од истрагата, осомничениот Марко планирал да замине за Белград во придружба на околу 80 лица. Наводната цел била „да се палат автомобили, да се напаѓаат поединци, да им се одземаат пари, да се фрлаат молотови коктели од скутери и да се предизвикаат сериозни немири“. Веин, наводно, изјавил и дека ќе го избоде В.Ѓ., кандидат за парламент на листата на СНС.
Постапувајќи по налог на Вишото јавно обвинителство во Белград, полициски службеници денеска го уапсија Срѓан Илиќ – жител на Земун – под сомнение дека организирал и обучувал група лица за предизвикување насилство на денот на изборите, закажани за 25 октомври, како и во периодот по нив.
Понатаму, утринава беа спроведени акции во Нови Сад и Врњачка Бања, кои резултираа со апсења поврзани со подготовки за насилство на денот на изборите.












