Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека нема сомнеж оти странски актери биле вклучени во заговор за напад врз британската воздухопловна база во Ферфорд, која ја користат и американските сили.
Тој ги даде овие изјави само неколку часа откако петте лица уапсени во близина на базата вчера беа пуштени на слобода со кауција.
„Она што можеше да се случи во Обединетото Кралство за време на викендот претставува многу сериозна ситуација“, рече Рубио синоќа во интервју за „Фокс њуз“, додавајќи дека „јасно биле вклучени дејствија на странски актер“.
Пет лица беа уапсени во неделата под сомнение за кривични дела поврзани со тероризам, откако на околу 400 метри од базата Ферфорд во Глостершир беа откриени три сомнителни комбиња, што поттикна полициска истрага за борба против тероризмот.
Британските полициски единици за борба против тероризмот соопштија дека сите петмина уапсени се британски државјани и жители на Лондон на возраст од дваесетина години. Сè уште не е јасно дали тие дејствувале како застапници на Иран – или, како што сугерираат некои извори, на Русија – ниту кои биле нивните мотиви.
Шефот на британската полициска единица за борба против тероризмот, помошник-комесарот Лоренс Тејлор, вчера изјави дека пуштањето на осомничените со кауција не значи оти истрагата е завршена; тие се пуштени под строги услови, пренесува „Гардијан“.
Надлежните продолжуваат да ја истражуваат можноста за поврзаност со Иран, како и тоа дали некој од петмината бил платен за да престојува во селото Велфорд, лоцирано на три и пол километри од воздухопловната база Ферфорд.












