Во пресрет на Курбан бајрам, на сточните пазари во земјата почна продажбата на овци за курбан, но годинава сточарите се соочуваат со сериозни проблеми поради недостигот на институционална контрола. Дел од сточарите и одгледувачите тврдат дека се носат овците на пазар без соодветна ветеринарна документација, бидејќи нема надлежна ветеринарна служба што издава потврди за здравствената состојба на добитокот. Како што изјавуваат од Сојузот на одгледувачи на овци за весникот ВЕЧЕР, отсуството на редовен ветеринарен надзор ја отежнува продажбата и ја зголемува неизвесноста кај купувачите, кои бараат здрав и безбеден добиток за верскиот обред. Поради тоа, дел од овците се продаваат „на црно“, без официјална контрола и документација.
Во исто време, сточарите предупредуваат дека е значително намален бројот на овци и стада во последните години, што дополнително ја ограничува понудата на пазарот. Во некои рурални средини, велат тие, сточниот фонд е сведен на минимум, што директно се одразува на достапноста на овци и овни за курбан.
– Цените на овците за курбан се движат од 150 до 400 евра за грло и, генерално, се сметаат за прифатливи. Но, проблемот годинава не е цената, туку недостигот на овци на пазарот – изјави за весникот ВЕЧЕР Насер Џемаили, претседател на Сојузот на одгледувачи на овци.
Тој посочува дека е дополнително отежната состојбата поради отсуството на ветеринарна контрола во период на зголемена побарувачка за добиток.
– Освен намалената понуда, годинава имаме сериозен проблем и со тоа што нема организирана ветеринарна контрола. Овчарите немаат дозвола за движење на овците и не смеат да ги изнесуваат надвор од стадата, што дополнително ја блокира продажбата – вели Џемаили.
Според него, причината за ваквата состојба е тоа што Министерството за земјоделство го поништило тендерот за избор на надлежна ветеринарна служба, која треба да издава документи за здравствената состојба на добитокот.
– Поради тоа, практично сме принудени да ги носиме овците на пазар „на црно“, со голем ризик да се прошири некоја болест. Пред околу три недели, се обративме до Министерството за земјоделство, но сè уште немаме добиено никаков одговор. Отсуството на редовен ветеринарен надзор ја отежнува продажбата и ја зголемува неизвесноста кај купувачите, кои бараат здрав и безбеден добиток за верскиот обред – нагласува Џемаили.
Сточарите велат дека има интерес за купување овци за курбан, но реален проблем годинава е недостигот на добиток. Понудата е значително намалена, што создава притисок врз пазарот во период на зголемена побарувачка.
– Бројот на овци е многу намален поради ниските откупни цени на јагнето во изминатите години. Веќе речиси никој не сака да се занимава со сточарство. Младите заминаа, стадата се намалија, а трлата се празни. Останавме само ние, постарите, со по стотина овци, но реално, за неколку години и тие ќе исчезнат – вели еден сточар.
Сточарството се соочува со една од најсериозните кризи во последните децении, директно погодено од бранот на иселување на младите и сè помалиот интерес за продолжување на традиционалните земјоделски и сточарски дејности. Според сточарите, бројот на добиток е драстично намален, бидејќи младите генерации ги напуштаат селата, оставајќи ги постарите да се грижат за преостанатите стада, кои се сè помалку.
Како резултат на тоа, овчарството постепено ги губи својата економска одржливост и континуитетот, што дополнително ја продлабочува кризата во секторот и отвора прашања за неговата иднина во наредните години.
(А. С.)












