„Девојките на Марко“ според „Боинг боинг“ од Марк Камолети и во режија на Синиша Евтимов е најновата претстава на Прилепскиот театар, која премиерно ќе биде изведена утре (27 мај), во 20:00 часот. Во претставата играат: Димитар Ѓоргиевски – Марко, Илија Волчески – Војдан, Јасмина Мицовска-Станкоска – Габриела, Марија Спиркоска-Илијеска – Марта, Наташа Ачански – Грета и Лора Штарго, која ќе ја видиме како Глорија.

Инаку, „Боинг боинг“ е класична фарса. Како што посочуваат од Народниот театар „Војдан Чернодрински“, станува збор за текст напишан пред 60-ина години, кој до денешен ден и повеќе од успешно живее на сцените во светот. Она што е фасцинантно околу овој текст е фактот што е влезен во Гинисовата книга на рекорди, како најмногу поставуван француски текст воопшто.

Марија Попова-Јованоска, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, на денешната прес-конференција посочи дека ова е втора премиера од годишната програма за 2026, поддржана од Министерството за култура и туризам, како и дека по подолг период прилепската публика ќе има можност да проследи комедија во продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“.

– Ова е и втора соработка со режисерот Синиша Евтимов, со кого продолжуваме успешно да создаваме современи и квалитетни проекти. Претставата нуди современ пристап, динамика, многу хумор и преку препознатливи ситуации и живописни ликови, отвора теми што се блиски до секојдневието на публиката – посочи Попова-Јованоска.

Михајло Миленкоски, раководител на Театарот, пак, кажа дека претставата има модерен сценски израз со многу позитивни моменти што му требаат во моментот на градот Прилеп. Претстава што ќе ги оддели жителите од сивилото што владее во градот. Тој додаде дека претставата трае час и 50 минути, а репризата ќе биде на 30 мај.

Режисерот Евтимов истакна дека во исклучително професионална атмосфера, целиот тим успеал да креира еден совршен продукт, како што додаде, летен хит што долго ќе живее на сцената на Прилепскиот театар.

– Успеавме да креираме една утопија, еден совршен универзум, во кој Прилеп е еден прекрасен, совршен, современ град во кој има дури два аеродроми. Ова е претстава во која публиката ќе ужива, во два часа ќе заборави на секојдневието и ќе ги оттргнеме од сите пречки и предизвици на современото општество. Претставата нема никаква врска со познатиот македонски роман, туку е адаптација на текстот на Камолети – кажа Евтимов.

Заплетот, како што посочи и во експликацијата, е многу едноставен и е проектиран околу животот на еден релативно успешен млад човек, Марко, и неговите проблеми со три девојки, со кои тој се забавува во прецизно определени временски периоди, внимателно испланирани, со цел тие никогаш да не се сретнат.

– Битен фактор за да успее оваа игра е нивната професија. Сите три се стјуардеси, со свои планови на летање што не се поклопуваат, се разбира до кобниот ден, кога ќе се случи токму тоа. Во целата збрка се вклучува и најдобриот пријател на Марко, Војдан, кој се обидува да му помогне на својот пријател во емоционалното жонглирање. Несуден диригент на оваа лакрдија е куќната помошничка на Марко, Марта, која е постојано на сцената и со многу импровизации се обидува да ги оправда нештата што се случуваат околу неа. Ова е претстава за ведрата страна на животот, за оние мали искри во секој од нас… за пријателството и неговото значење во моментите што го одредуваат патот кон остатокот од животот – објаснува Евтимов.

Тој вчера, меѓу другото, апелираше да се реши и проблемот со обезбедувањето соодветни услови за работа на актерите, при што се осврна на несоодветните услови во кои се создаваат претставите во моментов во Прилеп. Токму затоа, како што истакна, оваа претстава ќе биде одиграна пред публика во дел од салата, за да може добро да се слушнат актерите.

Актерите, пак, го искажаа огромното задоволство од можноста да учествуваат во еден ваков проект на Синиша Евтимов, посочувајќи дека комедијата е еден од најтешките жанрови и истакнувајќи дека се работи за извонредна претстава.

Сценографијата и костимографијата се на Илина Ангеловска, а изборот на музиката на Синиша Евтимов. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ