Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денес изјави дека одлуката на исландските гласачи да го отфрлат продолжувањето на пристапните преговори со Европската унија (ЕУ) покажува дека ЕУ треба да размисли како да се направи попривлечна за потенцијалните нови членки.
– Ова би била одлична можност заедно да станеме посилни – изјави германскиот министер за надворешни работи пред посетата на Тунис.
Тесно мнозинство од исландските граѓани гласаа против продолжувањето на пристапните преговори со ЕУ на референдумот одржан вчера.
Преговорите меѓу Европската унија и северноатлантската островска нација беа прекинати пред 13 години поради несогласувања околу рибарскиот сектор, најважната гранка на исландската економија.
– Не е само по себе очигледно дека сите се стремат кон членство во Европската унија. Мислам дека ова ни дава причина да разгледаме каде можеме да направиме подобро и како можеме да работиме на тоа да станеме попривлечни. Ова, секако, важи особено за економските перспективи што ги нудиме – рече Вадефул.
Германскиот министер рече дека сè уште верува оти целта за проширување на ЕУ кон север не треба да се занемари, нагласувајќи дека таков процес, покрај Исланд, би можел да ја вклучи и Норвешка, пренесува ДПА.












