– Недостигот од емпатија, егоистичност, личната корист, немањето осет за општото добро, немањето вредности во секојдневието, немањето култура на живот и соживот е она што најмногу го уништува човештвото, вели за весникот ВЕЧЕР, писателката Ана Стојаноска, чиј роман „Неколку тишини подоцна“ деновиве се промовираше на ФДУ

-Романот „Неколку тишини подоцна“ раскажува неколку различни приказни од разни делови на светот покажувајќи како еден настан води кон друг и како на крај сето ќе го голтне тишината. Романот не дава надеж, романот само предупредува. На кој начин може да се отиде каде што не треба, ако човек не е внимателен. Тоа е еден вид мој личен крик, против сето егоистично и личнокорисно во општеството, вели за весникот ВЕЧЕР авторката Ана Стојаноска, по повод неговата промоција која деновиве се одржа на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Станува збор за петтиот роман на македонската писателка Стојаноска, издание на „Полица“, чии промотори беа професорката Лидија Капушевска-Дракулевска и писателот Владимир Јанковски, а извадоци читаа Верица Ацеска, Ангела Стојановска и Филип Трајковиќ.

„Неколку тишини подоцна“ е дистописки роман, структуриран/компониран како симфонија, што е првпат во македонската литература да се искористи ваквиот начин на структурирање на наративната мрежа. Главните ликови се соочуваат со голема пандемија по короната, со крах на економскиот систем и дигиталните валути, како и со падот на човечките заедници. Во романот се посочува улогата на фармацевтската индустрија, големите финансиски фондови, лични приказни и улогата на дарквебот, но и една поморска приказна која на некаков начин ги спојува сите во една.

Прашана дали откако ќе се прочита „Неколку тишини подоцна“, има надеж за малиот човек, бидејќи се чини дека реалноста е пострашна од фикцијата, Стојаноска вели дека животот ни покажува дека е подобар и поинвентивен автор од кој било романописец.

-Реалноста секогаш има нешто повеќе од фикцијата. Колку и да е загрижувачки тоа, сепак има надеж, дека во целиот Универзум сепак постои некаков ред. Бидејќи секој роман (секоја книга) ја пишувам различно и овој си имаше своја патека и свој начин на кој се создаваше, вели авторката, која е професорка на ФДУ и театролог. Авторка е на романите „Јас и Лин, отпосле“, „Ние“, „Лебед“, драмата „Трогледало“, збирката поезија „Потпис: Трепетлика“, како и на голем број есеистичко-научни трудови од областа на театарот објавувани во македонската и странската периодика, коавтор на неколку театарски монографии.

Додава дека романот почнала да го пишува во времето на пандемијата.

-Такво време, инспирираше таква тема. Дејството во мојот роман се случува после втора пандемија, од таа нашата, па следна која придонесува да исчезнат малите животинки и птици и да нема храна. За мене тоа време беше полно предизвици, како за секој од нас. Но, кревките души на поетите и писателите поинаку го доживувавме. Изолацијата за секој писател е добра, зашто пишувањето е занает на самотијата. Но, пандемијата ни покажа, барем мене, дека не може да се живее во изолација, што би рекол Џон Дан, ниту еден човек не е остров сам за себе, вели Стојаноска.

На прашањето, пак, што е она што најмногу го уништува човештвото, Стојаноска вели дека тоа се недостигот од емпатија, егоистичноста, личната корист, немањето осет за општото добро, немањето вредности во секојдневието, немањето култура на живот и соживот.

– Ние немаме проблем со вештачката интелигенција (барем засега), туку меѓусебно. Еве само свртете се околу себе, познавате повеќе луѓе што немаат однос кон светот и другите луѓе, од тие што се добри и емпатични. За мене е поразителен фактот дека прво ја изгубивме емпатијата и човечката одлика да бидеме добри едни кон други, додава Стојаноска.

Сепак верува дека може да го зачуваме човекот во себе.

-Се шегувам секогаш дека „ќе ве победам со добрина, љубов и убавина“. Љубовта нè прави луѓе, односот кон другиот до себе, добрината кон целиот жив свет, не само кон луѓето, кон животните и птиците, луѓе нè прави разумот и сочувството, размислата да работиме на општото добро, да придонесеме овој свет да види подобри денови. Секогаш повторувам дека јас можеби за некого сум идеалист или романтичар, но сепак, верувам дека во секого од нас има еден добар човек. Кај некого е освестен, кај некого спие, кај некого хибернира. Но, ако се обидеме – имаме надеж, заедно со тоа што секој би го правел она што најдобро го знае, вели писателката.

За тоа, пак, колку дистопијата како тема е присутна во македонската книжевност, еден од промоторите на книгата, писателот Владимир Јанковски, за нашиот медиум, вели: „Темата поврзана со можните апокалиптични сценарија во кои се движи светот во македонската книжевност почнува да биде присутна онака како што одредено време е присутна во светските, книжевни и филмски остварувања, од две причини. Прво, тоа е поради тоа што темите со кои се занимава македонската книжевност не се исклучиво локални, наши теми. Дури може да се каже дека сè помалку има такви теми. Сè повеќе темите со кои може да се занимава еден писател од Германија, Норвешка, Колумбија, Канада или Грузија, се теми со кои може да се занимава и еден писател од Македонија. Од друга страна, прашањето за тоа како светот се развива, можните последици на војните, работата на големите финансиски корпорации, светските пандемии… колку што ги погодуваат земјите и луѓето во светот, исто толку ги погодуваат и во иднината ќе ги погодуваат и луѓето кои живеат во нашата земја. Светот одамна се глобализираше, одамна географските разлики се намалија, па влијанието на нешто што се случува во одредена географска точка се претвора во глобално влијание. Светот сè повеќе се поврзува, па е сосема разбирливо и очекувано темите што го интересираат некој писател во Скопје да се поклопуваат со темите што го интересираат некој писател оддалечен десетици илјадници километри од Скопје“. (Н.И.Т.) Фото: Фејсбук на авторката

ИЗДВОЕНИ