Ни по речиси една година од неговото бегство од Македонија не може да се лоцира во која земја се наоѓа поранешниот вицепремиер Артан Груби против кого во Македонија е веќе завршена истрагата за злоупотреба на службената должност. Од македонското Министерство за внатрешни работи вчера за весникот ВЕЧЕР изјавија дека сè уште не располагаат со сознанијата каде тој престојува. Во одговорот на нашето новинарско прашање се наведува дека сè уште се преземаат мерките за неговото пронаоѓање.
– МВР презема соодветни тактичко-оперативни мерки за лоцирање и за лишување од слобода на лицето за кое прашувате. Доколку располагате со информации за неговата локација, истите споделете ги со органите на прогонот во најблиската полициска станица – се наведува во одговорот на нашето новинарско прашање.
Прашањето за тоа каде се наоѓа ексвицепремиерот повторно се актуализира откако државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, прексиноќа изјави дека истрагата против Груби е пред самиот крај.
– Истрагата во која е осомничен поранешниот прв вицепремиер Артан Груби е речиси завршена, единствено се чека на неговата екстрадиција – рече јавниот обвинител Љупчо Коцевски, во гостувањето во емисијата „360 степени“ на МРТ 1. Според него, сите докази се собрани, има и финансиска истрага, но немаат информација каде е Груби бидејќи тоа не е надлежност на Обвинителството.
Коцевски не објасни за кои сè други лица се собрани доказите и против кого би можело да се очекува обвинение. Ексвицепремиерот Груби и поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, се бараат со меѓународна потерница за проневера тешка 8 милиони евра. Во рамките на истрагата, МВР поднесе кривични пријави против осуммина вклучувајќи ги и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски. Првопријавениот Бајрами, како претседател на Управниот одбор на Државната лотарија на Македонија, во периодот од 2022 до 2023 година, свесно ги прекршил законите за игри на среќа. Тој им овозможил на правни лица од Скопје, Битола и Белград да организираат игри на среќа без лиценца, иако знаел дека тоа е спротивно на законот. Тој доставил информации до Владата за основање нови правни лица кои би добиле право за организирање електронски и интернетски игри на среќа, со помош на второпријавениот Груби добивајќи согласност од Владата за објавување на два јавни повика кои не смееле да ги објават.
Но, пред да биде приведен, Груби на 14 декември минатата година ја напуштил Македонија откако со возило со дипломатски таблички на почесниот конзул на Косово во Македонија, Арсим Папранику, сопственик на синџирот продавници „Нептун“ и еден од сопствениците на трговскиот центар „Ист гејт“, бил префрлен во Косово. Оттаму, Груби испрати објава во која наведе дека е во „приватна посета“.
–Ве молам, немојте да измислувате и да шпекулирате. Патував со мои редовни патни исправи и за моето патување е информирано личното полициско обезбедување. По завршувањето на обврските во Косово, ќе се вратам дома кај своето семејство – објави Груби во декември.
Но, оттогаш за него ништо не се знае. Еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, тогаш соопшти дека Груби престојува во Албанија, но тоа сè уште не е потврдено. (Б. Ѓ.)












