Народниот правобранител има проблеми и со плаќањето на киријата поради недостиг на средства, соопшти денеска првиот човек на оваа институција Фатон Селами. Тој се обрати на денешната тематска дискусија во Собранието за измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител, на која учествуваа претседателот на Собранието, Африм Гаши, амбасадорите на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал и на Европската Унија, Михалис Рокас и постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија
Селами додаде дека институцијата постојано губи кадри, а Министерството за финансии, според него, досега ги одбивало барањата за нови вработувања.
-Имаме проблеми и со плаќањето на киријата – рече Селами надевајќи се дека дополнителни пари ќе се обезбедат со претстојниот ребаланс на буџетот или со одлука на Владата.
За народниот правобранител Сељами, силна, независна и ефикасна институција за заштита на правата на граѓаните е показател за демократската зрелост на едно општество. Според него, за тоа да се реализира пред се институцијата мора да располага со соодветни и предвидливи финансиски средства и со доволен број стручни, компетентни и професионални кадри.
– Финансиската независност треба да овозможи непречено планирање и реализација на активностите без ризик од ограничување на институционалната самостојност, додека кадровската независност подразбира можност за соодветно управување со човечките ресурси согласно реалните проблеми и обемот на работата. Само институцијата што располага со потребните финансиски средства и има гарантирана оперативна самостојност може целосно и ефикасно да ја остварува својата уставна и законска улога во заштита на човековите слободи и права, истакна Сељами.
Во расправата е укажано дека измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител треба да обезбедат поефикасна заштита за човековите права и поголема одговорност на институциите, со цел исполнување на Париските и Венецијанските принципи и се дел од пошироките реформи во областа на човекови права, отчетност и владеење на правото во претпристапниот процес кон Европската Унија.
Измените и дополнувања, според спикерот Гаши, имаат за цел зајакнување и проширување на надлежностите, унапредување на функционирањето и независноста на институцијата, како и гарантирање на целосен интегритет при вршењето на нејзините функции.
– Кога зборуваме за правата и слободите, важно е да се потсетиме на едно едноставно начело, можеме да ги заштитиме сопствените права и слободи само ако ги заштитиме правата и слободите на другите. Убеден сум дека токму од ова начело произлегува и значењето на Народниот правобранител, затоа што заштитата и почитувањето на правата на секој граѓанин се дел од гаранцијата за правата на сите други граѓани- истакна Гаши.
Независната и ефективна институција Народен правобранител, за амбасадорот и шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Вал е камен-темелник на демократското владеење и владеењето на правото. Таа служи како суштинска заштита на човековите права и им овозможува на поединците канал преку кој можат да побараат правна заштита и помага јавните органи да останат одговорни за своите постапки. Предложените промени, според Вал, опфаќаат неколку фундаментални аспекти на институционалната ефективност, како обемот на мандатот на институцијата, функционалната и финансиската независност, истражните овластувања, пристапноста и правната основа за специјализираните надзорни функции.
– Затоа што институцијата Народен правобранител која има слаб мандат е нефункционална, потребни се неопходните човечки и финансиски ресурси, како и овластувања за истражување и независност и сето тоа да биде заштитено со закон со цел да може институцијата да носи одлуки. Финансиската независност не е едноставно административно прашање, туку е суштинска за институционалната независност, истакна Вал.












