Скопје и вчеравечер беше во знакот на македонската музика. На платото пред арената „Борис Трајковски“ се одржа концертот „Најдоброто од Македонија“, со дел од најпознатите имиња од македонската музичка сцена – Слаткаристика, Суперхикс, 2 Бона, Фанк Шуи и Дина Јашари, кој собра бројна публика под отворено небо, а во рамките на програмата за прославата за 35 години независност.
Секој од нив донесе свој препознатлив звук и дополнително придонесе концертот да биде вистинска музичка прошетка низ различни генерации и жанрови.
Иако почетокот на концертот беше одложен поради дождот и силниот ветер, публиката, сепак, не се откажа и во исчекување остана на платото, подготвена вечерта да ја помине со музика и добро расположение.
Откако временските услови дозволија, сцената оживеа, а со првите тактови енергијата постепено растеше, а познатите рефрени се пееја заедно со изведувачите.
Присутните покажаа дека добрата музика не се откажува лесно. Наместо разочарување, временската непогода создаде уште една посебна атмосфера – оние што останаа до крај беа наградени со музика, енергија и забава.
Концертот „Најдоброто од Македонија“ заврши како голема прослава на домашната музика, оставајќи зад себе разиграна публика и уште една потврда дека македонската сцена има што да понуди.

Настапот беше проследен со голем интерес од љубителите на македонската музика.

– На една сцена – артисти со кои пораснаа и сè уште растат многу генерации. Една вечер, различни генерации и комбинација од најдоброто од македонската музика на едно место, посочија организаторите.














