Двајца мажи осомничени за кражба на крунски накит во вредност од 88 милиони евра од парискиот музеј „Лувр“ минатиот октомвр наводно им откриле на истражителите дека организаторот на кражбата бил разочаран од пленот. Тој сметал дека „можеле да земат повеќе“, пишува „Гардијан“.
Францускиот весник „Ле Монд“, пак, ги објави транскриптите од испрашувањето на осомничените, идентификувани како Абдулаје Н. и Геламалах А., пред истражните судии. Тие тврдат дека провалиле во галеријата „Аполон“ по налог на клиент чиј идентитет одбиваат да го откријат од страв за безбедноста на своите семејства. Осомничените раскажале дека биле ангажирани само два-три дена пред кражбата, а за да се подготват, им било прикажано видео снимено во галеријата за накит „Наполеон“. Абдулае Н. рекол дека им била дадена јасна задача: „Скршете го стаклото и извадете го накитот од витрините“. Тој додал дека е „во тешка финансиска ситуација“, а за кражбата му биле ветени меѓу 15.000 и 20.000 евра, „а можеби и повеќе, во зависност од заработката на организаторот“. Додека Абдулае Н. им признал на истражителите дека знаел дека ќе го ограбува „Лувр“, Геламалах А. тврдел дека не знаел која е целта и дека првично бил претставен грабежот како провала во „некоја париска работилница за накит“.
– Никогаш немаше да стапнам таму да знаев – рекол тој, додавајќи дека се согласил за надоместок меѓу 20.000 и 25.000 евра.
Крадците раскажале дека кога влегле во галеријата, таму немало никој, било темно, гореле само светлата во витрините.
– Во далечината видов како се движи обезбедувањето, зад некои врати. Моравме да земеме што е можно повеќе накит. Знаевме дека мора да заминеме за најмногу три минути или ќе бидеме откриени. Ми се чинеше дека сè траеше предолго – рекол Абдулае Н.
Двајцата уапсени ограбувачи тврдат дека не знаат што се случило со накитот по грабежот, а не го откриваат идентитетот на нарачувачот, кој, како што рекле, не им се заканил, но додека биле во притвор, им се јавил и им рекол да молчат.
– Тие не се ангели – рекол Геламалах А.
Но, „Ле Монд“ наведува дека истражителите сè уште не ги потврдиле тврдењата дека работеле крадците по нечија наредба.
За потсетување, во октомври лани, четворица крадци за само неколку минути украдоа осум парчиња историски накит вреден 88 милиони евра. Целата операција траела помалку од седум минути, а крадците останале во галеријата само три минути и 58 секунди. При бегството, на едниот од нив му паднала скапоцена круна што ја носела сопругата на Наполеон Трети.












