ОТКАКО БРИСЕЛ ГИ СООПШТИ СВОИТЕ ЗАБEЛЕШКИ ЗА ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО ВО МАКЕДОНИЈА
Досега најдобриот извештај на Европската комисија за владеењето на правото во наша земја нема да ги запре критиките со кои, во изминатиов период, македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, ги оценуваше состојбите во правосудството. Со ваков став првиот човек на македонската Влада вчера го дочека објавувањето на забелешките на ЕК во кои беа анализирани вкупните состојби во оваа област. Според Мицкоски, овој извештај за владеењето на правото во Македонија бил најдобар од досегашните во изминатите три години.
– Од сите, споредено претходно, овој е најдобар за нас како земја. Дали е одличен? Не е одличен – изјави Мицкоски при престојот во Општина Дебрца, во одговор на новинарско прашање врзано за оцените за мешање на политиката и за притисок врз правосудството.
Тој рече дека ќе продолжи со критиките и со барање да се испорачаат резултати, како и дека судството нема да добие повеќе пари, што, исто така, се нотира во извештајот на ЕК.
– Пари повеќе нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавно обвинителство да се стави сума од 0,5 проценти од буџетот. Нема да добијат затоа што не ги заслужиле. Затоа што очекуваме дека ќе ја донесат правдата. Едноставно, пари повеќе нема. Ако некој мисли дека на овој начин ќе врши притисок врз Владата, Владата нема да го прифати тоа, бидејќи независноста не се обезбедува со пари, туку со работа. Со работа, а не со допишување работни часови и така натаму, дежурства и проценти – изјави премиерот.
Мицкоски истакна дека во него има пофалби, констатирани политики што испорачуваат, но и критики, што го сублимираше на следниов начин.
– Во него е констатиран притисок од страна на политичари кон судството. Кога зборуваме за судството, мислиме и на Обвинителството и на судството. Тоа е едно. Второ, исто така, имаме констатиран факт дека требало да има повеќе пари за обвинителите и за судиите. И трето, е критика за самите обвинители и судии, што е контрадикторно на втората забелешка. Така што се контрадикторни тие два заклучоци. Од една страна, велат, судскиот систем не испорачува, од друга страна, Владата да даде повеќе пари. Тие две работи не одат едно со друго. Или ќе почнат да испорачуваат, па да добијат или нема да добијат – нагласи Мицкоски.
Тој истакна дека ќе продолжи јавно да ги повикува судиите и обвинителите да испорачуваат правда, при што граѓаните се самите тие што констатираат дека нема задоволителен правосуден систем.
– Јас ќе продолжам да испраќам пораки во таа насока. Со сета политичка одговорност и ризикот што ги имам, да, ќе продолжам сè додека не видиме напредок во испораката на правдата – нагласи Мицкоски.
Инаку, во извештајот на ЕК се вели дека „мешањето и притисокот од другите државни гранки продолжуваат да предизвикуваат сериозна загриженост во врска со почитувањето на судската независност“, како и дека се поткопани „независноста на судството и автономијата на Обвинителството од недоволна буџетска распределба“.
– Избраните функционери и владини претставници ги засилија своите лични критики против судиите и обвинителите што ги обвинуваат за корупција, а беа дадени и изјави од највисоките нивоа на Владата за планови за чистење на судството и на Обвинителството. Овие изјави ризикуваат да ги поткопаат независноста на судството и принципот на поделба на власта. Судиите и обвинителите се соочуваат со зголемен притисок од јавни кампањи за оцрнување, и онлајн и преку медиумите, во кои се вклучени високи извршни функционери и политичари – стои во извештајот.
Опозицискиот СДСМ и денеска ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и Владата дека со јавните напади врз судии и обвинители ја загрозуваат независноста на правосудството, повикувајќи се на наодите од извештајот.
– „Чувствата“ на премиерот Христијан Мицкоски ги поклопија правото, Уставот и правната држава. Извештајот ја разоткрива суровата вистина за Македонија под власта на ВМРО-ОКГ: нема реформи, корупцијата е широко распространета, а судството и Обвинителството се изложени на политички притисоци. Брисел директно алармира дека изјавите на претставници на власта, вклучително и на премиерот, создаваат притисок врз независноста на правосудниот систем. Извештајот од Брисел е црвен картон за Мицкоски и за неговата власт – изјави на прес-конференција членот на Извршниот одбор на СДСМ, Александар Наумоски.
И опозициската Левица оцени дека документот претставува сериозна критика.
– ЕК констатира дека корупцијата и натаму е широко распространета, дека високопрофилните случаи ретко завршуваат со правосилни пресуди и дека постојат слабости во законската рамка и во работата на институциите задолжени за спречување на корупцијата. Владата не успеала да воспостави поефикасен систем за борба против корупцијата – наведуваат од оваа партија.
Од друга страна, партијата Демократски сојуз, која е дел до владиното мнозинство, оцени дека мора да продолжат реформите во правосудниот систем со засилено темпо.
– ДС се залага за ограничување на мандатот на судиите и за нивни реизбор на секои седум години. Сегашниот доживотен мандат не обезбедува доволна одговорност, ниту, пак, ја зајакнува довербата на граѓаните во судскиот систем. Неопходна е промена на Уставот со која судиите ќе можат да подлежат на кривична одговорност за донесена судска одлука кога претставува таа резултат на злоупотреба на судиската функција, корупција или намерно кршење на законот. Независноста на судството не смее да биде злоупотребена како заштита од одговорност – нагласија од оваа партија.
Има ли реален недостиг на судии и на обвинители?
Наспроти констатацијата во извештајот на ЕК дека е влошен недостигот на кадар во правосудството во Македонија, бидејќи нема нови кандидати за судии и обвинители што поминуваат низ почетна обука, „Евростат“ излезе со поинакви податоци. Така, во објавеното истражување се наведува дека Европската Унија во 2024 година имала 15,7 професионални судии на 100.000 луѓе, што е намалување во споредба со 17,7 во 2014 година. Македонија, според објавените податоци на „Евростат“, во 2024 година имала повеќе – 20,1 судија на 100 илјади жители. И кај нас, исто како во ЕУ, бројот на професионални судии има тренд на намалување и е намален за повеќе од четири споредено со 2019 година, кога имало 24,3 судии на 100 илјади жители.












