Во државните архивите во земјите во регионот има многу сè уште непознати документи значајни за македонската историја и во наредните години преку меѓусебната соработка ќе настојуваме да ги донесеме во Македонија, изјави денеска Димитар Богески, директор на македонскиот Државен архив. Тој, во изјавата пред почетокот на работата на заедничката средба на претставници на десетина државни архиви, рече дека сега се случува засилено обновување на меѓусебната соработка која ќе резултира со зголемен обем на соработка и размена на значајните документи. Гостите од регионот учествуваат во одбележувањето на 75-годишниот јубилеј од постоењето на македонскиот Државен архив, при што за вечерва во Скопје беше предвидено одржување на свечена академија.
На денешната работна средба беа претставниците од државните архиви на Бугарија, Турција, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Романија…, како и на меѓународни организации. Според Богески, во меѓусебната соработка на овие институции се чувствува нова енергија.
– Ова е нова енергија и ги тргаме досегашниот мрак и застојот во соработката меѓу архивите. Се обидуваме преку чествувањето на овој наш јубилеј и со нова енергија зад нас да го оставиме досегашниот застој и таа соработка да продолжи. Таа, низ времињата, била градена долго време и односот меѓу архивите бил добар. Сакаме да го вратиме тоа ниво на односите и на истражувањата што било порано. Секако, и да го надградиме со нешто, сè во интерес нашата држава да има сè повеќе документи. Тоа е во наша полза бидејќи во архивите на другите земји има битни документи, значајни и вредни за Македонија, и кои ја интересираат нашата научна и друга јавност – рече Богески.
Тој додаде дека во изминатава деценија имало застој во собирањето на архивските документи.
– Десетина години немаме донесено архивски материјал од кој било друг архив и немаме испратено луѓе да истражуваат. Отворени сме за соработка со сите, со бугарскиот архив и сите други во регионот од каде што може да се очекуваат нови сознанија – нагласи директорот на Државниот архив.
Подготвеност за соработка изрази и Михаил Груев, директор на Државната агенција Архиви на Република Бугарија. Тој рече дека последниве години соработката со македонскиот Државен архив била намалена, но се надева на нејзино зголемување.
– Имаме договор за соработка со македонскиот Архив повеќе од 20 години и резултат на тој договор е ефективна соработка – сме разменувале копии на документи, сме правеле изданија, изложби. Исклучок се последниве години кога поради состојбите во меѓусебните односи, нашите контакти се намалија. Но, се надевам дека ова е и средба за обновување на контактите и соработка со македонскиот Архив. Нас нè поврзува не само општата историја туку и многу блиски колегијални односи со колегите. Затоа сме тука, за јубилејот, и да посакаме да се обнови соработката што сме ја имале во минатото – рече Груев.
Тој додаде дека во бугарските архиви има голем број документи кои се значајни за македонската историја.
– Македонските колеги нешто истражуваа, но има уште многу. Тоа е и смислата на соработката, да разменуваме дигитални копии, во интерес на науката. Значајни документи има од различни периоди, но, во основата, се работи за документи од 19 и од почеток на 20 век, имаме документи поврзани со општата историја. Ние сме целосно отворени за соработка и се надеваме дека сега ќе се обнови. Нашите архиви се отворени и нема пречки за научни истражувања – нагласи тој. (Б. Ѓ.)












