За периодични средби на поранешните претседатели на државата, на Собранието и на македонските премиери, со цел да се разменуваат искуства, се заложи денеска собранискиот спикер, Африм Гаши. На вчерашниот брифинг за новинарите, тој рече дека таквите средби може да бидат корисни, бидејќи поранешните највисоки државни функционери имаат големо искуство, кое не треба да го чуваат за себе, туку да го споделуваат со актуелните вршители на функцијата. Гаши за утре закажа средба на поранешните први луѓе на македонското Собрание, со цел да разменат искуства. Тоа ќе биде нивно второ среќавање, по првата средба одржана меѓу два изборни круга.
– Идејата ми беше да најдеме начин како да го искористиме искуството на поранешните претседатели на Собранието. Мислам дека тоа е бесценето искуство за кое е добро да го користи секој поранешен претседател на Парламентот. На средбата, сите претседатели беа согласни и добро ја пречекаа идејата за почести средби. Сега ќе разговараме како да го формализираме тоа среќавање, дали да стане тоа некој вид советодавно тело. Идејата има две компоненти. Првата е да се искаже почит кон поранешните претседатели, а втората е да се искористи нивното искуство. Со некои проблеми што ги имаа тие, се соочуваме и ние сега. Мислам дека слабо стоиме во делот на користењето на искуствата на поранешните функционери, сеедно дали тоа биле претседатели на Собранието, на државата или премиери – објасни Гаши.
Тој додаде дека ваквиот ангажман на функционерите би бил бесплатен и би бил новина дури и во меѓународната парламентарна практика, со оглед на тоа дека таму нема слични формални тела. Наведе дека ќе разговара со собраниските претседатели за искуствата околу одржувањето седници, собраниското обезбедување, со оглед на тоа дека различни претседатели имале различни искуства. Средбите би можеле да се организираат и по ад хок принципот, а би било најдобро 2-3 пати годишно да има редовни средби.
– Би сакал претседателката на државата и премиерот да го следат мојот пример. Ние може да имаме идеолошки партиски разлики. Но, кога сте биле дел или сте вршеле така важна и битна функција, тогаш тоа е над идеологијата и политичките разлики. Тоа искуство што сте го стекнале, не може да го држите само за себе. Мислам дека наша обврска е тоа што ни го дала државата, на пример, да бидам претседател на Собранието, да не го чувам само за себе туку да го споделувам и пренесам на новите претседатели. А дали новиот претседател ќе го искористи тоа – е негово право – потенцира Африм Гаши.
На новинарското прашање дали доколку актуелниот премиер, Христијан Мицкоски, ја прифати ваквата иницијатива тоа би значело да треба да ги чуе и советите на експремиерот Зоран Заев, Гаши одговори потврдно.
– Да, би требало. Треба да седнат еден спроти друг. Зошто да не седнат и да се сослушаат? – одговори Гаши.
На ланската средба што ја организирал Гаши учествувале поранешните претседатели Тито Петковски, Саво Климовски, Никола Поповски и Трајко Велјановски, а сега се очекува учеството и на Талат Џафери и на Јован Митревски. (Б. Ѓ.)
Добро е да се врши електронски попис
Според Гаши, минатонеделната најава дека следниот попис на населението ќе се врши по електронски пат и ќе се однесува само на резидентното население е одлична намера.
– Ова е прашање на надлежните институции за спроведување на пописот и ако тие се чувствуваат подготвени за такво нешто, тоа е во ред. Немам ништо против пописот да се спроведе на полесен начин. Најважно е да биде кредибилен. Ако е најлесен и најкредибилен начин електронскиот попис, тоа е одлично. Јас се согласувам со тоа. Пописот е статистичка постапка што се спроведува според меѓународни стандарди – беше одговорот на Африм Гаши на новинарско прашање.












