Филмовите „17“ на Косара Митиќ и „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума освоија награди на 39. Филмски фестивал во Херцег Нови, потврдувајќи го квалитетот и потенцијалот на македонската кинематографија.
Косара Митиќ освои „Златната мимоза“ за најдобра режија за филмот „17“. Според образложението на жири-комисијата, таа го истакна нејзиниот исклучителен режисерски стил, како и големата емотивна сила што ја пренесува преку филмската нарација.
Филмот „17“ има исклучително успешен меѓународен пат со 11 меѓународни награди, со што ја потврдува својата авторска сила, квалитет и потенцијал да допре до публиката и фестивалските жирија надвор од Македонија.
Инспириран од вистински настан, филмот „17“ ја следи Сара, седумнаесетгодишна девојка која за време на матурската екскурзија се обидува да ја скрие својата бременост. Преку нејзината приказна, филмот ги отвора темите на траумата, тишината, изолацијата и женската солидарност, создавајќи интимен портрет на адолесценцијата.
Дебитантскиот филм на Косара Митиќ ја имаше светската премиера на 76. Берлински филмски фестивал, во селекцијата „Перспективи“.
„17“ е копродукција на „Црна Мачка Продукција“ (Македонија), „Арт&Попкорн“ (Србија) и „Децембер“ (Словенија), финансиски поддржана од Агенцијата за филм на Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и SEE Cinema Network.
Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума, пак, по наградите на престижните фестивали Трибека, Ерусалим и Сараевскиот филмски фестивал, продолжува да ја освојува и регионалната фестивалска публика.
Во Херцег Нови, филмот ја освои специјалната награда за пораката за родова еднаквост и инклузивност, со што фестивалската приказна на филмот продолжува во впечатлив ритам – четири фестивали и четири награди.
Претходно, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ ја освои наградата „Нора Ефрон“ на фестивалот „Трибека“, наградата „Куминг“ за најдобар филм во програмата „Спирит оф фридом“ на филмскиот фестивал во Ерусалим и специјалната награда на „Младински перспективи“ на Сараевскиот филмски фестивал.
Двата филма го докажуваат големиот авторски потенцијал на новата генерација македонски филмски автори, како и за местото на македонската кинематографија на меѓународната фестивалска сцена.












