Царинската управа во изминатите 20 месеци ги бележи најдобрите резултати во своето постоење, со остварени рекордни приходи и значително подобрена ефикасност. Премиерот Христијан Мицкоски на настанот во Филхармонија, по повод одбележувањето 34 години од постоењето на институцијата, нагласи дека постигнатите резултати се доказ за посветената работа и реформите што се спроведуваат.
– Институција има клучна улога во функционирањето на државата, во заштитата на економијата и во обезбедувањето стабилни приходи за буџетот. Овој јубилеј е можност да се осврнеме на постигнатото, но, уште повеќе да ги истакнеме резултатите што ги имаме денес – изјави Мицкоски.
Тој истакна дека во изминатите 20 месеци, Царинската управа ги бележи најдобрите резултати во своето постоење, одн осносно остварени се највисоки приходи досега, што, како што рече, е „јасен показател дека институцијата функционира поефикасно, поорганизирано и со поголема одговорност“.
Премиерот истакна дека особено значаен е фактот што за првпат е надмината границата од 12 милијарди денари приходи во еден месец.
– Тоа е резултат кој не доаѓа случајно, туку е производ на системски пристап, засилени контроли и подобра координација – нагласи тој.
Според Мицкоски, овие резултати се дел од пошироките напори на Владата за воспоставување ред во институциите и намалување на сивата економија.
– Кога ја презедовме одговорноста, не наследивме систем што функционира беспрекорно. Напротив – затекнавме состојба на хаос, нарушени процеси и сериозно ослабена институционална поставеност – рече премиерот, додавајќи дека денес таа фаза е надмината.
Според него, нормализацијата е завршена, поставен е ред, воспоставени се правила и институцијата повторно функционира како што треба – во служба на државата и граѓаните. Мицкоски потенцира дека со дигитализација и засилена борба против корупцијата е создаден систем што дава резултати.
Тој упати благодарност до директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, за неговото раководење и постигнатите резултати, како и до министерката за финансии, Гордана Кочоска-Димитриеска, за, како што рече, одличната координација.
– Кога институциите работат како тим, кога има заедничка визија и јасна цел – резултатите не изостануваат – подвлече премиерот.
Мицкоски најави дека Владата ќе продолжи со унапредување на капацитетите, модернизација на системите и создавање услови за поефикасна услуга за стопанството, како и со цврст пристап во борбата против нелегалните активности.
– Зад овие резултати стои трудот на сите вработени во Царинската управа. Вашата работа е значајна и видлива, а придонесот што го давате е од суштинско значење за функционирањето на државата – порача Мицкоски, честитајќи го 34-от јубилеј на институцијата.
Според министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, доброто функционирање на секоја царинска служба претставува посебен општествен и државен интерес и приоритет.
Во услови на глобални економски и енергетски предизвици, министерката потенцираше дека Владата презема навремени мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството, и покрај нивното влијание врз буџетските приходи. Притоа, останува приоритет одржувањето на фискалната стабилност и обезбедувањето одржлив раст.












