Македонската женска ракометна репрезентација првпат во својата историја успеа да го обезбеди третото учество по ред на едно Европско првенство. Нашите ракометарки беа дел од ЕП 2022 година, на кое се пласираа како кодомаќини, тогашното раководство на РФМ се избори да го донесе шампионатот во Скопје, беа дел од ЕП 2024, а сега го заверија пласманот на ЕП 2026 година, кое ќе се одржи во пет држави: Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција, од 3 до 20 декември оваа година.

„Црвено-жолтите“ не блескаа против Словенија, беа поразени, но целта ја остварија. Ракометарките се свесни дека одиграа лош меч во Велење, но на крајот најважно е дека одат на Европското првенство, што, пак, е од големо значење за овој спорт.

– Искрено, игравме навистина лошо на овој натпревар и не бевме фокусирани на она што требаше да го направиме. Но, без разлика на сè, најважно е што одиме на Европското првенство и многу сме среќни поради тоа. Се надевам дека ќе можеме да поправиме сè пред тоа. Навистина сум среќна и горда на мојот тим – изјави Ивана Гакидова.

Нашите ракометарки се најдоа во друштвото на 24 екипи што го заверија своето место на континенталното натпреварување, а своите противници ќе ги дознаат на утре во 18:00 часот, во Катовице, Полска.

Дваесет и четирите екипи што се квалификуваа за ЕП 2026 ќе бидат поделени во шест групи по четири репрезентации. Македонија ќе ги чека противниците од последниот шешир, што значи дека нема да игра против Хрватска, Србија, Исланд, Украина и Грција.

Шешир 1: Норвешка, Данска, Унгарија, Франција, Шведска, Холандија.

Шешир 2: Германија, Црна Гора, Полска, Романија, Шпанија, Чешка.

Шешир 3: Турција, Словачка, Словенија, Швајцарија, Австрија, Фарски Острови.

Шешир 4: Хрватска, Србија, Исланд, Северна Македонија, Украина, Грција.

Прелиминарната рунда ќе се одржи на шест различни места, а следните тимови веќе се распоредени во групи според прописите.

Унгарија во групата А во Орадеја (Романија), Романија во групата Б во Клуж-Напока (Романија), Турција во групата Ц во Анталија (Турција), Чешка во групата Д во Брно (Чешка), Полска во групата Е во Катовице (Полска), Словачка во групата Ф во Братислава (Словачка).

ИЗДВОЕНИ