На 20 километри западно од градот Гевгелија, на пониските падини на планината Кожуф, на Конска Река, изградена е браната „Конско“ – најголемиот водостопански проект реализиран во последниве 20 години, но и најголем инфрaструктурен проект во последниве 50 години во Гевгелискиот Регион. Проектот вреден 40 милиони евра беше финансиран од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Изградбата на браната „Конско“ започна во 2018 година и комплетно е завршена во 2024 година.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) за весникот ВЕЧЕР изјавија дека во тек е постапката за технички прием, согласно со поединечно издадените одобренија за градење.

– Техничкиот прием се очекува да биде спроведен во текот на август и септември. Врз динамиката на постапката дополнително влијаеја и имотно-правните прашања, особено неажурираните податоци за сопствениците, неизложените парцели, нерешените имотно-правни односи, како и жалбите и управните постапки што сè уште се во тек. Овие околности предизвикаа делумно пролонгирање на предвидените рокови – велат од МЗШВ.

Во однос на пуштањето во употреба, оттаму известија дека е потребно да се направи разлика меѓу полнењето на акумулацијата и практичното користење на водата.

– Доколку под пуштање во употреба се подразбира почетокот на полнењето на акумулацијата, тоа ќе може да започне по завршувањето на техничкиот прием и по добивањето дозвола за употреба. Практичното користење на акумулираната вода за наводнување, пак, е условено со изградбата на соодветниот систем за наводнување. Проектната документација за изградба на системот за водоснабдување и наводнување е во фаза на изработка. Поради големиот опфат и техничката сложеност на системот, нејзиното завршување се очекува до декември оваа година – истакнаа од ресорното министерство.

Согласно со Законот за водите и Законот за водостопанство, надлежноста за управување со браните чија намена е наводнување ја има АД „Водостопанство на Република Северна Македонија“.

Турската компанија „Серка Акели“, во јули 2018 година, започна да го гради хидросистемот „Конско“ кај Гевгелија. Градежните работи и активности кои ѝ беа доверени на турската компанија „Адали Холдинг“ завршија во март 2024 година. Во изминатите две години се реализираа придружни инфраструктурни проекти во нејзината околина.

Со изградба на браната „Конско“ се формира акумулација со волумен од околу 20 милиони кубни метри, на површина од 10,8 хектари и во должина од 2,5 километри. Ќе се обезбеди редовно снабдување со квалитетна вода за пиење, за наводнување на земјоделските површини, за производство на електрична енергија, но ќе значи и обезбедена вода за дотур за спас на Дојранското Езеро. Дополнително, вештачкото езеро на браната „Конско“, кое се наоѓа веднаш под излетничко-рекреативниот локалитет Смрдлива Вода на Кожув, на само 20 километри оддалеченост од градот, претставува нова содржина во локалната туристичка понуда на Гевгелија.

Глобално, ова ќе значи зголемување на економскиот пораст, животниот стандард на населението, унапредување на здравјето и на квалитетот на живот на граѓаните од целиот овој крај и развој на Општина Гевгелија на повеќе нивоа.

(Љ. А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ